ЕУ даде ветување: Што ќе добие Турција ако го намали приливот на мигранти?

Европската Унија и Турција постигнаа согласност за „акцискиот план“, што би можел на Анкара да и обезбеди 3 милијарди евра помош, визно олеснување и нови преговори за членство во ЕУ, доколку земјата успее да го намали напливот на мигранти во Европа.

ЕУ самитот во Брисел траеше до раните утрински часови во чествроткот и по се изгледа постигнати се некои резултати. Како што соопшти претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, иако сеуште нема конечен договор, лидерите на ЕУ и Анкара успеаја да постигнат согласност за „акцискиот план“, пренесува „Раша тудеј“.

Нашите интензивни средби со турските лидери… во последните неколку недели беа насочени кон една цел: да се намали бранот мигранти што преку Турција пристигнуваат во ЕУ. Акцискиот план е голем исчекор во оваа насока, рече Туск.

Сепак тој изрази „внимателен оптимизам“ дека планот би можел да успее и го поздрави договорот со Турција за заеднички акционен план за справување со моменталната мигрантска криза.

Во фокусот на самитот бил и амбициозниот план, претходно договорен помеѓу турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер.

Според договорот, Турција ќе добие 3 милијарди евра помош, визно олеснување за патување во Европа за турските државјани и почеток на преговори за членство во ЕУ. Турција исто така побарала да биде ставена на листата на „безбедни земји“ за азил.

За возврат Турција даде ветување дека ќе ги засили граничните контроли, дека ќе воспостави подобра соработка со Грција.

Во замена за безвизниот режим, Анкара ќе се согласи не претходно зацртаниот договор, според кој Турција ќе ги врати назад сите баратели на азил, кои влегле во ЕУ од нејзина територија.

Нема да го потпишеме овој договор пред да се преземат чекори за Шенгенот и додека не се обезбеди визна либерализација за турските државјани, изјави премиерот Ахмет Давутоглу во интервју пред самитот.

Според Давутоглу, Турција најверојатно ќе го потпише овој договор во првата половина од 2016-та.

Додека Турција бара ЕУ да покаже добра волја во однос на безвизниот режим, европските лидери бараат доказ дека земјата навистина ќе го оствари ветеното и да се обиде да ја засили борбата против криумчарите на мигранти.

Ни требаат гаранции дека одговорот на Турција на нашата понуда ќе биде конкретен како нашиот, изјави Туск.

Што се однесува со трите милијарди помош за Турција, лидерите на ЕУ постигнале согласност дека барањето е сосема оправдано.