Европската унија ќе го укине задолжителното сезонско поместување на стрелките на часовниците од октомври 2019 година, при што земјите членки до април следната година треба да донесат одлука дали сакаат да го задржат летното или зимското сметање на времето, објави во петокот Европската комисија.
Европската унија во 2001 година донесе директива за летното сметање на времето, со којашто е утврдено дека двапати годишно ќе се поместуваат стрелките на часовникот на ист датум и во ист час. Директивата е донесена исклучиво поради потребите на единствениот европски пазар. Во практиката, Европејците од 1996 година усогласено ги поместуваат стрелките за еден час нанапред последната недела во март, а ги враќаат еден час наназад последната недела во октомври.
„Од крајот на октомври 2019 година се укинува зимското сметање на времето“, изјави Виолета Булц на прес-конференцијата во петокот, појаснувајќи дека земјите членки треба што поскоро да го прифатат предлогот за тој да може да стапи на сила навреме.
Предлогот е изнесен откако во земјите на ЕУ беше спроведена анкета којашто забележа рекорден одѕив од 4,6 милиони испитаници. Дури 84 од нив се против практиката на поместување на стрелките на часовникот. Повеќето во рамките на ова мнозинство сакаат да се задржи летното сметање на времето во текот на целата година. Според резултатите од ова советување, ЕК објави дека ќе го послуша гласот на народот и ќе предложи промена на директивата.
Од Комисијата, исто така, навдуваат дека сезонското поместување на часовите е застарен начин за заштеда на енергијата применуван во текот на Првата и Втората светска војна, како и во текот на нафтената криза во 1970-те години.
„Поновите истражувања потврдуваат дека на тој начин се заштедува незначително количество енергија. Одиме кон паметни згради, паметни градови и современи решенија коишто повеќе придонесуваат за штедењето на енергијата отколку сезонското поместување на часовниците“, изјави потпретседателот на Европската комисија, Словакот Марош Шефчович.
Критичарите наведуваат дека поместувањето на часовникот може да предизвика долгорочни здравствени проблеми, особено кај децата и повозрасните. Поборниците, пак, тврдат дека зимското односно летното сметање на времеот поради поголемо колечество дневна светлина влијае врз помалиот број сообраќајни несреќи и ја подобрува заштедата на енергијата.
Земјите членки на Европската унија се простираат во три временски зони и сите тие ги поместуваат и враќаат часовниците во исто време, но секоја од нив може слободно да донесе одлука во која временска зона ќе биде. Европскиот парламент и владите на 28-те земји членки мора да се усогласат до крајот на годинава, бидејќи постапката за усвојување на предлого може да потрае и до две години, предупредуваат од Европската комисја.
„Или ќе останеме на летното сметање на времето или емјите коишто ќе решат да минат на зимското сметање на времето тоа ќе го сторат во октомври 2019 година“, изјави Словенката Булц. Со тоа ЕК вели дека го исполнува своето ветување дека ќе дејствува при крупните прашања, а дека на членките ќе им остави да одлучуваат за другите.
Меѓу земјите кои го поддржуваат укинувањето на сезонското сметање на времето се Шпанија и Финска којашто го има најсеверниот главен град во ЕУ. Анкетата за поместување на часовникот сразмерно според населенето имала најголем одѕив кај Германците – од 3,79 отсто, а најмалку кај граѓаните на Обединетото Кралство – 0,02 отсто. Тогаш се појавија приговори зошто ЕК толку брзо реагира на резултатите од испитувањето на јавното мнение, чијашто анализа се’ уште не е целосно завршена. Од 4,6 милиони граѓани кои учествувале во советодавната анкета, околу 3 милиона биле од Германија, додека, на пример, Французите и Италијанците, биле многу малку застапени.