ЕУ воведува нови шест санкции за Русија

Европската унија планира да предложи задолжително постепено укинување на увозот на јаглен од Русија како директен одговор на извештаите дека руските сили извршиле очевидни воени злосторства во Украина, тврдат извори за Блумберг.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Твитер објави список со санкции што ЕУ утре ќе ги воведе против Русија:

– Забраната за увоз на јаглен од Русија, во вредност од четири милијарди евра годишно, со што се намалува уште еден важен извор на приходи за Русија.

– Целосна забрана за трансакции за четири клучни руски банки, вклучително и ВТБ, втора по големина руска банка.

– Забрана за руските бродови да пристапуваат до пристаништата на ЕУ и забрана за руски и белоруски превозници во патниот сообраќај.

– Натамошни забрани за извоз, во вредност од 10 милијарди евра, во клучни области: напредни полупроводници, машини и транспортна опрема.

– Посебни нови забрани за увоз, вредни 5,5 милијарди евра.

– Целни мерки, како забрана за учество на руски компании во јавните набавки и исклучување на каква било финансиска поддршка, ЕУ или националните руски јавни тела.

ЕУ засега нема планови да санкционира нафта или гас. Но, земјите од Унијата се длабоко поделени околу следните чекори, а некои влади продолжуваат да бараат барем сигнал дека блокот сака да го намали увозот на руска нафта, истакна еден извор.

Неколку земји, вклучително и Германија и Унгарија, се спротивставија на продолжувањето на санкциите за енергетскиот сектор на Русија, но обвинувањата дека руските трупи при повлекувањето убиле многу невооружени цивили доведоа до нов притисок од некои членки на источниот блок да воведат такви санкции.

Одобрувањето на пакетот и забраната за увоз на јаглен бара поддршка од сите 27 земји-членки.