ЕУФОР своите засилувања во БиХ ќе ги распореди на северот и на границата со Србија

Припадниците на воените сили на Европската унија кои се испратени како засилување за мировната мисија во Босна и Херцеговина, ќе бидат распоредени на северот на земјата и во близина на границата со Србија, потврди во петокот министерството за одбрана во Сараево.

Локалните медиуми пренесуваат дека во министерството за одбрана на БиХ во текот на денот била потпишано решението со коешто на командата на ЕУФОР ѝ се даваат на користење касарните на вооружените сили на БиХ во Приједор и во Бијелина. Во овие објекти би требало да бидат стационирани 500 војници од европските земји кои во БиХ беа испратени претходно во март порди процената дека безбедносната ситуација во земја е влошена по нападот на Русија во Украина.

„Распоредувањето на војниците и нивната опрема, вклучително и лесните оклопни возила, е сразмерна мерка на претпазливост којашто ја покажува решителноста на ЕУФОР да ги поддржи партнерите во БиХ во одржувањето на безбедно опкружување“, изјавија претходно од главниот штаб на ЕУФОР во Сараево.

Вкупниот контингент војници коишто дејствуваат во рамките на операцијата „Алтеа“ на теренот со тоа сега е зголемен на 1.100 војници. Доколку избувнат поголеми инцидентит или посериозна безбедносна закана на теренот, тие можат да сметаат и на поддршка од дополнителни 2.500 војници коишто ја сочинуваат постојаната резерва на ЕУФОР.

Приједор беше една од клучните локации на којашто НАТО ги распореди своите сили во БиХ со цел да го спроведен воениот дел од Дејтонскиот мировен договор и таму главно беа стационирани британски војници, но од завршувањето на мисијата на СФОР во 2004 година нивната база беше расформирана. Бијелина, пак, спаѓаше во секторот кој го обезбедуваше американската војска.

И двата града се наоѓаат на територијата којашто административно ѝ припаѓа на Република Српска, а Бијелина е во близина нан границата со Србија.

Припадниците на ЕУФОР, освен во главаната база во Бутмир крај Сараево, досега во другите делови на БиХ беа распореде и главно во рамките на мали набљудувачки тимови.