Еурофарм Пелистер се чинеше дека е целосно надвор од битката за титулата откако претрпе висок пораз во Скопје од главниот ривал Вардар, но поразот на „црвено-црните“ од Алкалоид отвори голема шанса за тимот од Битола.
„Зелено-белите“ знаеја како да ја искористата „подадената рака“ и денеска го остварија она по кое дојдоа во македонската престолнина, иако тоа го направија на исклучително тежок начин и во драматична завршница во која решаваа удар или два.
Алкалоид повторно се покажа како пеколно тежок ривал за еден од двата најдобри тима во нашата земја, но во последните секунди сепак го положи оружјето, иако се бореше до последниот напад.
Пелистерци славеа на жешкиот терен во „Автокоманда“ со 27:28, а како клучен во големата драма се покажа голот на Хенеберг на пет секунди пред крајот на натпреварот. Алкалоид ги искористи и последните пет секунди за напад, но резултатот не се менуваше и битолчани освоија големи и значајни бодови во битката за шампионската титула, која сега ќе се решава во Битола во директен дуел меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар.
Херојот Хенеберг постигна шест гола, исто толку постигнаа и Хосни и Василјев во гостинскиот тим, додека кај поразениот Алкалоид се истакнаа Митев и Симоноски по пет погодоци.