Под мотото „Заемна енергија- одржливо партнерство“ ЕВН ја одбележа Европската недела на одржлива енергија во Македонија. Со континуирани инвестиции во изградба на нова и обнова на постојната дистрибутивна мрежа и едукација на потрошувачите, ЕВН во Македонија дава сериозен придонес за создавање на стабилен енергетски систем и одржлива енергија, пренесувајќи ги искуствата и стандардите на ЕВН групацијата во овој сегмент.
Настанот се одржа на хидроцентралата Матка која е една од најстарите во земјава. Со дополнителни инвестиции на ЕВН, оваа хидроцентрала има зголемено производство од 4,2 MW на 9,7 MW. Оваа хидроцентрала која годишно произведува околу 30 GW/h и од неа се снабдуваат над 5000 домаќинства.
„Имајќи предвид дека одржливата енергија е основа за развој, ЕВН инвестираше околу 230 милиони евра во изградба на нова дистрибутивна мрежа и реконструкција на постојната. Како што рековме минатата година, ЕВН ќе продолжи да инвестира во дистрибутивната мрежа и со тоа да го подобрува квалитетот на сснабдувањето“, изјави Вернер Хенгст, претседател на Управниот одбор на ЕВН.
Освен дистрибутивниот систем во Р. Македонија, „ЕВН“ управува и со 11 мали хидроцентрали, меѓу кои и хидроцентралата Матка. Со либерализацијата на пазарот на електрична енергија во семејството на „ЕВН“ е и новата компанија „ЕВН Снабдување“ која има најголем удел од над 70% на слободниот пазар на електрична енергија во Македонија.
„Стабилен систем и одржлива енергија се два концепта кои што се од голема важност за компаниите особено на отворен пазар. Во вакви услови од клучно значење е доверлив и стабилен партнер кој ќе понуди добра поддршка и најдобри услови. Компаниите тоа го препознаа во нас и ние и во следниот период ќе имаме најдобра понуда за одржлив бизнис, особено во следната фаза од процесот на либерализација “, истакна Нико Берберу, менаџер на ЕВН Снабдување.
Од септември годинава околу над 67.000 потрошувачи ќе можат да изберат свој снабдувач на електрична енергија.
Европската недела на одржлива енергија за прв пат почна да се одржува во 2006 година на иницијатива на Европската комисија. Оттогаш, во рамките на Европската недела на одржлива енергија се одржуваат настани, конференции и манифестации посветени на концептот на одржлива енергија, како и натпревар на проекти од оваа област. Оваа година Европската недела на одржлива енергија се одржува од 23-27 јуни.