Во второто коло од Европското кошаркарско првенство Русија ја совлада Србија, Франција запиша победа над Грција, а Шпанија беше уверлива против Чешка.
Во дерби натпреварот од 2-то коло од Групата Д во Истанбул, Русија ја совлада Србија со 75:72 остварувајќи ја втората победа на шампионатот со три кошеви разлика, откако во петокот ја победи домашната селекција на Турција со 76:73. Русите водеа во поголемиот дел од мечот, но Србија секогаш успеваше да се врати во дуелот кој влезе во непредвидлива завршница по грешка на „зборнаја“, која на помалку од две минути до крајот имаше водство од седум поени и промаши три слободни фрлања и напад. На 2,5 секунди до крајот при резултат 75:72 за Русија Богдан Богдановиќ имаше две слободни фрлања, сакаше да го погоди првото а да го промаши второто за неговите високи соиграчи да ја прифатат топката и да се обидат да изедначат, но и во двата обида беше неуспешен а Русите успеаја да дојдат до топката.
Алексеј Швед беше со 22 кошеви најдобар кај Русија, а Тимофеј Мозгов додаде 11 поени од кои 9 во последната четвртина, со осум скокови. Кај Србија најдобар но далеку од своето ниво беше Богдановиќ и Бобам Марјановиќ со по 19 поени.
Франција во второто коло од Групата А во Хелсинки ја надигра Грција со 95:87. Французите по неочекуваниот пораз од домашните Финци одговорија со одлично прво полувреме против Грците во кое направија предност од 19 поени (55:36). Грците во завршницата се доближија на шест поени разлика (85:91), но не можеа посериозно да се заканат со пресврт.
Жофри Ловерњ со 21 поен и 11 скокови беше најдобар кај Французите, а 21 поен додаде и Еван Фурние, додека Јоргос Принтезис со 22 кошеви ги предводеше Грците.
Претходно во саботата Германија стана првата селекција со две победи во Групата Б во Тел Авив, совладувајќи ја Грузија со 67:57. Во слабиот меч во кој и двете репрезентации имаа и повеќе од по 20 загубени топки а на крајот помалку грешки направија Германците.
Денис Шредер со 23 кошеви беше најефикасен во тимот на Германија, а Заза Пачулија со 14 поени кај Грузија којашто така не успеа да ја потврди својата изненадувачка победа против Литванија од првото коло.
Во Групата Ц во Клуј, актуелните европски шампиони уверливо ја совладаа Чешка со 95:56. Шпанците така продолжуваат со доминацијата над своите противници, откако со 39 поени разлика во петокот ја совладаа Црна Гора, а против Чесите веќе на полувремето имаа предност од 33 кошеви. Всушност прашањето на победникот беше решено уште по првата четвртина којашто Шпанците ја добија со 33:14.
Рики Рубио постигна 14 а Пау Гасол 13 кошеви во првата четвртина и покажаа дека е исклучено секакво изненадување. Постариот брат Гасол средбата ја заврши со 26 кошеви и 8 скокови, а Рубио додаде уште 17, додека Мартин Криж со 11 поени беше најефикасниот кај Чешка.