Кошаркарската репрезентација на Шпанија, која на овој континентален шампионат дојде со доста променет костур на тимот без супер ѕвезди и воопшто не беше вбројувана дури ниту за место во првата четворка на турнирот, сосема заслужено дојде до четвртиот наслов откако во финалниот дуел во неделата во Берлин триумфираше над селекцијата на Франција со 88:76 (23:14, 24:23, 19:20, 22:19).
Шпанците силно влегоа во мечот, првенствено насочени на цврстата одбрана во текот на целото прво полувреме. Го запреа шутот на Французите од надворешните позиции, а под двата обрача го парализираа НБА центарот Руди Гобер, со што ги оневозможија брзите противнапади на физички надмоќните противнички играчи.
Истовремено, Шпанците влегоа во шутот во втората четвртина, особено Хауначо Ернангомез кој во тој дел беше непогрешив во петте удари за три поена. По првата четвртина Шпанија имаше предност од девет поени, а потоа со „тројките“ на Хуаначо постојано ја зголемуваа предноста.
На средината од втората четвртина беше 35:16, а набрзо беше достигната и највисоката предност од 47:26. Но во тој момент Шпанците застанаа, а улогите на паркетот се променија, па првото полувреме заврши со серија од 11:0 за Франција, но 47:37 за Шпанија.
Таквата игра продолжи и во третата четвртина, па Франција брзо дојде до заостанување од само три поена 46.49. Тренерот Сариоло, сепак, успеа да ги разбуди шпанските кошаркари и направија серија од девет поени со што повторно дојдоа до двоцифрена предност 58:46. Шпанците не си дозволија да ја повторат грешката и до крајот на мечот го држеа противникот на сигурна дистанца, додека Французите немаа сила и дух за ново враќање во мечот.
Меч на кариерата на меѓународните натпреварувања одигра Хуанчо Ернангомез ко постигна 27 поени со неверојатни 7 погодени од 9 обиди за „тројка“. Епизодни блесоци, особено во второто полувреме, имаа и Лоренцо Браун со 14 поени со 11 асистенции, а Вили Ернангомез додаде 14 коша со 8 скокови.
Кај Франција прв стрелец беше Еван Фурние со 23 поени. А Томас Еуертел додаде 16 коша со 7 асистенции/
Шпанија сега на европските првенства сега има четири златни, шест сребрени и четири бронзени медали. Жетвата на медалите ја започнаа во 2007-ма кога како домашни беа втори, а потоа следеа три златни медали во 2009, 2011 и 2015 и две бронзи во 2013 и 2017, а ја заокружија во неделата во Берлин.
Французите, пак, трет пат дојдоа до сребрениот медал, покрај тоа имаат злато од 2013 година и шест бронзени медали.
Претходно домашната селекција на Германија во борбата за бронзениот медал беше супериорна над Посла со 82:69 (19:14, 17:9, 18:26, 28:20). Со оваа победа Германија комплетираше по еден медал во историјата на европските првенства. Златни беа во 1994, а среброто го освоија во 2005 година.