Италијанската кошаркарска репрезентација се пласираше во четвртфиналето на европското првенство во Берлин со изненадувачката победа од 94:86 (20:28, 25:23, 21:17, 28:18) над Србија која беше вбројувана меѓу главните кандидати за титулата на Стариот континент.
Италија клучната предност во осминафиналната пресметка ја оствари во првите пет минути на последната четвртина кога со серијата од 16:2 заостанувањето од 66:68 го претвори во предност од 82:70. Во преостанатото време српските кошаркари не успеаја да се приближат на помалку од осум поени заостанување.
Херои на Италија се Марко Спису со 22 коша, 21 додаде Николо Мели а 19 Симоне Фонтескио. На Србија не ѝ беа доволно 32 поена и 13 скокови на Никола Јокиќ и 16 поени и 8 асистенции на Василие Мициќ.
Италија така во четвртфиналето во среда ќе игра против Франција.
Претходно беше познато дека во четвртфиналните пресметки во вторник ќе играат Шпанија – Финска и Словенија – Полска, додека во последното четвртфинале во среда ќе играат Германија и подобриот од дуелот Грција – Чешка кој се игра во неделата подоцна.