Кошаркарите на Монако успеаја да го израмнат резултатот во четвртфиналето на плејофот од Евролигата против Фенербахче на 2-2, победувајќи го турскиот гигант на негов терен со 65:62 во четвртиот натпревар одигран во петокот и да се изборат за решавачкиот натпревар на свој паркет по за пет дена.
При предност на Монако од 63:62, Фенербахче имаше напад за победа и пласман на завршниот турнир што ќе се игра во Берлин на 24-26 мај, но Скоти Вилбекин не реализираше положување на пет секунди до крајот. По тајм-аутот, домашните не успеаја ниту да направат прекршок за да добијат уште еден напад, туку гостите го минаа целиот терен пред Донта Хол да забие во последната секунда за конечните 65:62.
Кај Монако најефикасен беше Ели Окобо со 13 поени, а Марко Гудуриќ постигна 14 за Фенербахче.
Во четвртокот грчките великани Олимпијакос и Панатинаикос, исто така, се изборија за своите петти натпревари против Барселона односно Макаби, па единствен познат учесник на завршниот турнир и натаму е бранителот на титулата Реал од Мадрид, кој со убедливи 3-0 ја елиминираше Басконија.