Бранителот на титулата, кошаркарите на Реал Мадрид поведоа со 1-0 по победата против Басконија во четвртфиналето од плеј-офот од овосезонското издание на Евролигата, совладувајќи ја на свој терен со 90:74.
Мадриѓаните целосно доминираа на натпреварот, па меѓу стрелците се впишаа дури 11 играчи, а најефикасен беше Џанан Муса со 16 поени. . Во составот на гостите Маркус Хауард постигна 15 коша.
Во вториот натпревар одигран во вторникот, Панатинаикос изненадувачки загуби на домашен терен од Макаби со 87:91. Бонзе Колсон постигна 18 за гостите, а Матијас Лесорт постигна 22 за домашните.
Овие две двојки во четврток повторно ќе ги одиграат своите втори натпревари во Мадрид и Атина, а тимовите кои први ќе стигнат до три победи ќе се пласираат на завршниот турнир што ќе се игра во Берлин.
Преостанатите две четвртфинални двојки Монако – Фенербахче и Барселона – Олимпијакос првите натпревари ќе ги одиграат во среда.