Претставниците на Европа, Русија и Кина изразија во петокот подготвеност да му се овозможи на Иран да продолжи да извезува нафта и гас , и покрај настојувањата на САД тоа да му се забрани.
Ветувањето на министрите за надворешни работи на петте светски сили потписнички на сеопфатниот меѓународен нуклеарен договор со Иран –Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија – е дел до листата од 11 цели дефинирани во петокот во австриската престолнина Виена каде и во 2015 година беше потпишан договорот, на состанокот со Иран со кој се сака да се спаси овој договор од кој САД се повлекоа во мај годинава.
САД бараат од сите земји во светот од 4-ти ноември да го прекинат увозот на нафта од Иран, доколку не сакаат да бидат подвргнати на американски санкции. Европските сојузници на Вашингтон, од друга страна, водат дијалог со Иран за да го сочуваат нуклеарниот договор кој треба да го спречи Техеран во развој на атомското оружје.
По двочасовниот состанок, учесниците објавија список со 11 цели коишто би требало да „резултираат со практични решенија за да се сочува нормализацијата на трговските и економските односи“, се истакнува во заедничната изјава.
Меѓу тие цели се наведува, покрај поддршката за извозот на иранска нафта, „зачувување на ефикасните финансиски канали со Иран, продолжување на поморските, копнените, воздушните и железничките комуникации, промовирање на кредитната покриеност на извозот, јасна и ефикасна поддршка за економските оператори кои тргуваат со Иран (…), поттикнување на новите вложувања во Иран, заштита на економските оператори за нивните инвестиции и другите финансиски активности во Иран“.
Меѓутоа, не се наведува како овие земји имаат намера конкретно тоа да го остварат, а странските инвеститори веќе започнаа да се повлекуваат од Иран, поради стравот од американските санкции. Сепак, додаваат дека имаат намера да работат на „практични решенија … благодарејќи на билатералните напори“, и повторно да се состанат за да го проценат напредокот.