Европа треба да се подготви за втор бран на пандемијата

Европа треба да се подготви за втор бран на пандемијата на коронавирусот, предупреди денеска директорката на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, Андреа Амон.

Прашањето не е дали ќе има нов бран на коронавирус, туку „кога и до кој степен ќе биде“, изјави таа за денешниот британски весник Гардијан.

„Вирусот е околу нас, циркулира многу повеќе отколку во јануари и февруари“, додаде таа, истакнувајќи дека податоците за имунитетот на жителите не се охрабрувачки бидејќи „85 до 90 проценти“ од луѓето се уште се изложени на вирусот.

Амон истакнува дека само размислува како да се биде реален.

„Сега не е време за целосно опуштање“, додава таа.

Европа е најпогодениот континент од пандемијата со речиси два милиона заразени и над 170.000 смртни случаи.

Додека голем број европски земји почнаа да ги укинуваат мерките за изолација, Амон смета дека вториот бран не мора да биде катастрофален доколку луѓето продолжат да ги почитуваат правилата за дистанцирање.

Таа потсетува дека на почетокот на кризата, земјите ја потцениле брзината на ширење на вирусот, за што придонеле и зимувањата на Алпите на почетокот на март.