![kradec](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/04/kradec.jpg?resize=696%2C522&ssl=1)
Супермаркетите ширум Европа ангажираа дополнително обезбедување за да ги спречат масовните кражби. Во изминатиот месец најмногу грабежи се забележани во Германија и Италија, па сопствениците на продавници ангажирале приватно обезбедување. Освен масло и брашно, се крадат и месо, кафе, тестенини, разни сосови, чоколади… Се што поскапе откако почна војната во Украина и Европа воведе санкции кон Русија.
Маслото за јадење стана ретка стока во Германија, која често е тешко да се најде, па исто така беше мета на крадци. Поради војната во Украина, сончогледовото масло се граба во продавниците во Германија уште во раните утрински часови, иако чини речиси пет евра. Крадците го забележале ова и откриле нов извор на приходи, покрај нафтата.
Кражби се евидентирани и во Италија, а се краде брашно, тестенини и конзервирана риба. Засилена е безбедноста и во оваа земја за да се спречи тоа да стане практика.
Во Германија, инаку, покрај недостигот, вртоглаво растат и енергенсите, што ги зголемува цените на сите други намирници. Цената на нафтените деривати драстично порасна, а дизелот ја достигна највисоката вредност досега, над две евра.
Горивото веќе влијаеше на растот на храната во Германија, а по поскапувањето на месото, лебот и млекото, на ред дојде и овошјето и зеленчукот. Килограм домати чини 3,4 евра, додека килограм компир две евра. Килограм јаболка е 2,5 евра. Италијанците за лимон плаќаат четири евра.
Италија, покрај недостигот, ја тресе и драстично поскапување. Така говедското месо отиде на 15 евра за килограм, додека телешкото е неверојатни 27 евра. Килограм колбаси е околу седум евра, а свинските котлети 9,5 евра. Поскапеа и тестенините, па половина килограм достигнува цена од 1,8 евра. И сирењето им стана прескапо на Италијанците, па килограм гауда чини дури 17 евра.
Кога станува збор за регионот, се чини дека е најлошо во Хрватска, а особено на брегот, па туристите годинава ќе бидат во неволја. Многумина во Сплит деновиве се изненадени од цените во кафулињата каде половина литар вода во просек чини три евра, шише сок четири, а мала кригла домашно пиво пет евра.
Шеф на ресторан за брза храна вели дека планираат деновиве повторно да ги покачат цените.
– Тоа е затоа што имаме зимски и летен ценовник. Веќе има многу туристи, па време е за сезонски цени – вели тој. Во едно од најскапите кафулиња во Сплит потребно е да се издвојат околу 2,5 евра за еспресо, околу 4,5 евра за „кока-кола“ и вода и шест евра за малку домашно пиво. Цените во кафулињата во Сплит драстично скокнаа, а сопствениците на ресторани велат: „Угостителството е луксуз, ние живееме од туристи, а кафе варете си дома!?“.