Европарлментарците изгласаа цензура на интернетот

Одборот за законодавство на Европскиот парламент го изгласа новиот закон за авторски права кој може да го уништи интернетот, а најспорните делови во реформата на авторски права се член 11 и член 13, на кои се противеа дури и членовите на ЕП.

Пратениците тесно ја изгласаа одредбата, и покрај предупредувањата од некои од најголемите имиња на интернетот и активисти за граѓански слободи, дека законот ќе ја наруши слободата на изразувањето, а ќе ја зацврсти моќта на најголемите компании и ќе ги пренесе трошоците врз европските стартапи.

Раеган Мекдоналд, шефица на Одделот за европска политика на Модзила, рече дека ова е тажен ден за интернет во Европа. ”

Особено е разочарувачки што членовите на Европскиот парламент ја одобрија регулативата која фундаментално ќе го оштети интернетот во Европа само неколку недели по стапувањето во сила на ГДПР, закон што Европа ја постави како знаменоцес на регулацијата во светот, рече Мекдоналд.

Членот 11 ги опфаќа помошните авторски права и т.н. даноци на линкови, што значи дека која било страница што објавува исечоци од новинарски онлајн-содржини мора прво да добие лиценца од издавачот. Тоа се однесува на социјалните мрежи што со линковите објавуваат и слики и резимеа, но и на други интернет-страници, како агрегатори на вести, апликации за вести или страници за проверка на факти.

Една од најконтроверзните одредби, членот 13, ќе бара од платформите, како што се Гугл и Мајкрософт, да инсталираат филтри за да спречат корисниците да префрлаат материјали заштитени со авторски права..
Членот 13 одговорноста за контролата на користењето на авторската содржина целосно ја префрла на одделните веб-страници, воведувајќи ја идејата за автоматски филтер за содржини што де факто забранува употреба на популарни мемиња, но и цитати од Википедија и разни други работи што се вообичаен и секојдневен дел од интернет-комуникацијата.

На пример, страниците на кои корисниците испраќаат фотографии мора да ги скенираат сите тековни и идни фотографии и да проверат дали има кршење на авторските права. Тоа ќе важи и за музиката што ќе биде пуштена без авторски права на „Јутјуб“, што значително ќе ја измени работата на оваа видеоплатформа.

Член 13 не предвидува правни санкции за проблеми што може да произлезат од неуспехот на автоматските филтри, што го иницира прашањето како ќе се реши проблемот со неправилното отстранување содржини од интернет.

Оваа одлука не значи дека сè е готово и дека новиот закон ќе стапи во сила. Таа го потврдува ставот на ЕП за реформа на авторските права, но противниците на реформите може да побараат пленарна седница на која ќе бидат присутни и ќе гласаат сите 751 пратеник. Затоа веќе е почната кампања да се одржи ваква пленарна седница.

Асоцијацијата на компјутерска и комуникациска индустрија (CCIA), чии членови се Гугл, Фејсбук, иБеј, Амазон, Нетфликс ги критикуваа европарламентарците, тврдејќи дека ги игнорираа апелите на основачот на Википедија, Џими Велс, пронаоѓачот на Интернетот, Тим Бернерс-Ли, експертот за интернет безбедност Тим Ву и други