Европратениците бараат прекинување на преговорите со Турција поради уставните промени

Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент ги повикува земјите членки на Европската унија да ги суспендираат пристапните преговори со Турција доколку оваа држава ги спроведе уставните промени кои се изгласани на референдумот.

Во предлог-резолуцијата за напредокот на Турција, кој е изгласан на состанокот на комисијата во Брисел, се повикуваат „Европската комисија и националните влади официјално без одложување да ги суспендираат преговорите, доколку пакетот уставни реформи биде усвоен во сегашната форма“.

Пролетва во Турција се одржа референдум на кој граѓаните изгласаа нови широки овластувања за претседателот на државата. Тие промени му овозможуваат на актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган можност да ја врати смртната казна, што за ЕУ претставува „црвена линија“ која не смее да се мине.

Комисијата за надворешна политика смета дека предложениот пакет реформи на турскиот устав не е во согласност со критериумите за членството во ЕУ и ја повикуваат Анкара сериозно да ги земе препораките на Венецијанската комисија на Советот на Европа, како и фактот дека „половината од населението на референдумот гласаше против“.

Европските пратеници, исто така, го осудуваат „несразмерниот одговор“ на турските власти на пропаднатиот обид за воен преврат од 15 јули минатата 2016 година.

„Продолжувањето на вонредната состојба во државата, што има несразмерни негативни последици во турското општество и арбитрарните апсења на илјадници граѓани, вклучително и пратеници и градоначалници, е извор на загриженост“, изјави парламентарната известувачка за Турција, Кати Пири.

За предлогот резолуција ќе се изјасни уште и целиот состав на Европскиот паралмент на пленарната седница во јули.

Во текот на кампањата за референдумот и јакнењето на претседателските овластувања, Ердоган повеќепати повтори дека ќе се залага за враќање на смртната казна, во рамките на борбата на Анкара со тероризмот. Француското претседателство, пак, истакна дека таквата иницијатива би претставувала јасно раскинување со вредностите на ЕУ.

Брисел повеќепати предупредуваше дека однесувањето на Анкара ја доведува во прашање нејзината посветеност за пристапување кон ЕУ. Европската комисија на почетокот во годишниот извештај за напредокот на Турција на патот кон Унијата, ги нотираше неуспесите на политиките на Анкара во сферата на граѓанското општество, човековите права и слободата на говорот. Во извештајот, исто така, беше истакнато дека турските власти не прават доволно за прилагодување на законодавството кон европските норми.

Спогодбата за асоцијација меѓу тогашната Европска заедница и Турција беше потпишана во 1963 година. Апликацијата за членство во Европската унија, Анкара ја поднесе дури во 1987 година. Пристапните преговори за членство, пак, започнаа дури во 2005 година, а повеќепати беа усложнувани поради несогласувања што доведе до нивно прекинување. Во моментов отворени се 16 од 35-те поглавја од пристапните преговори