Европратениците разочарани: 2014-та да не биде уште една изгубена година

Не запира разочарувањето кај пратениците во Европскиот парламент од новата блокада на почеток на преговорите на Македонија за членство во Европската унија од страна на Советот на ЕУ, јавува дописникот на МИА од Брисел.

По острата реакција на европратениците Едвард Кукан и Никола Вуљаниќ за новото неоправдано грчко вето на македонските интеграции, со реакција се јави и известувачот за нашата земја од Европарламентот, Ричард Ховит.

Според британскиот европратеник, министрите за надворешни работи на ЕУ-земјите не биле во право што повторно ја оставија на страна одлуката да и доделат пристапни преговори со Скопје (како што тој не условува) за уште дополнителни 12 месеци.

„Јас повикав минимум барем на повторување на ланскиот договор за понатамошно разгледување на статусот на земјата во рок од шест месеци и природно е што сум разочаран што Советот не го направи тоа, оставајќи се себе си отворен за обвинување за постојаното назадување. Советот ја пофали елиминацијата на судскиот застој во земјата и континуираната борба против корупција, но она што е потребно не е фалба, туку напредок“, вели Ховит.

Според британскиот европратеник, сепак, во заклучоците на Советот за општи работи се забележува дека Советот ја дели оценката на Европската комисија дека земјата доволно ги исполнува политичките критериуми во однос на проширувањето на Унијата.

 

„Сепак, земјите-членки на ЕУ сега посочија експлицитни области каде тие повикуваат за напредок и ги повикувам сите во земјата да најдат начин за исполнување на овој предизвик. Па, 2014 година не треба да биде уште една изгубена година за европските амбиции“, предупредува Ричард Ховит.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, против одлуката на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата, да потклекнат под притисокот на Грција и да не ги наградат исполнетите реформи во Македонија, први реагираа искусниот хрватскиот европратеник Никола Вуљаниќ и неговиот словачки колега Едвард Кукан.

„Навистина сум разочаран со реакцијата на целата политика на проширување. Албанија, за која сум известувач од Европарламентот, не доби кандидатски статус, додека Македонија не добива датум за преговори, а не знам ниту што понатаму ќе се случува со Србија и Косово и само отприлика знам што ќе се случи со Босна и Херцеговина. Ми се чини дека Европа поставува ѕид, станува тврдина“, реагира Вуљаниќ во изјава за МИА.

Со ред членот на Европарламентот од групата на „Обединета европска левица”, секому му е јасно кои се препреките и кој ја блокира Македонија, но според него „за тој гордиев јазол треба да се најде еден Александар, дали Македонец или Грк, да дојде со меч и да го расече”.

„Македонија ги исполни сите услови што и беа поставени и тоа го кажува и Резолуцијата на Европскиот парламент што ја изгласавме едногласно на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ). Но, во Советот е друга ситуација. Никој од нас европратениците не може да влијае на земјите-членки, а таму им треба едногласност, па еден глас да каже “Не, благодарам”, процесот запира. Тоа е фрустрирачки и искрено се плашам на пораст на анти-европска атмосфера што со себе носи и национализам и се што настојуваме да го заборавиме и турнеме настрана“, предупредува известувачот од европскиот законодавен дом за Албанија.

Според Вуљаниќ, последната постапка на Советот за општи работи не придонесува за подобра состојба во регионот. Тој вели дека е јасно оти ниту една од земјите што се сега во процесот на пристапување не може утре да стане членка на ЕУ и дека и да започнат преговорите, тие може да траат и по 10-15 години.

 

„Но, тие им даваат на луѓето поттик за се што досега направиле. Преговорите се засилен микроскоп и кога земјата ќе биде под целосен надзор имате и механизам за притисок, па некаде ќе попуштите, некаде ќе притиснете. Без ова, значи се пушта целата приказна така да плута што е страшно. Навистина сум разочаран, а лично многу се ангажирав за проширување на Унијата на Западниот Балкан со вклучување на сите земји од регионот оти мислам дека сите според нивото треба да бидат во постапка на евро-проширување и затоа велам дека во ваквото блокирање не гледам никаква политичка смисла“, вели хрватскиот европратеник.

Сепак, Вуљаниќ потенцира дека негов став е дека и Македонија треба да направи некаков компромис, оти според него – се што се прави во Брисел е врз основа на компромис.

„Сакам Македонците да се обидат да ги сфатат аргументите на другата страна и да не се предизвикува многу со споменици од минатото, што според мене е претерано. Се разбира, тоа во никој случај не ги оправдува постапките на Советот, но компромис ќе мора наскоро да се најде оти вака не може да се живее“, изјави Никола Вуљаниќ.

Од друга страна, пак, поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Едвард Кукан, во изјава за МИА вели дека синоќешните заклучоци на Советот на министри на ЕУ, во врска со понатамошниот процес на интеграција на Македонија „ја продолжиле фрустрацијата на политичката класа и населението на земјата”.

„Во исто време, ова ја покажува неспособноста на ЕУ да го докаже својот кредибилитет виз-а-ви Македонија. Од друга страна, ова е јасна порака за Владата да продолжи со доставување на конкретни резултати во спроведувањето на реформите и да биде поактивна во билатералните односи со своите соседи, покажувајќи позитивен пристап кон решавањето на отворените прашања кои постојано го отежнуваат идниот напредок во евроинтеграцијата“, дециден е Кукан.