Европска комисија не прифаќа забрани за патувања

Европската комисија најавила дека ќе испрати писмо до државите членки за да ги предупреди да ги почитуваат заеднички договорените насоки за ограничување на патувањата и дека забраната за патувања кои некои членки ја увеле е неприфатлива.

– Земјите членки би требало силно да ги обесхрабрат неважните патувања од темноцрвените зони и во нив, но треба да се избегне затворање на границите – изјавил портпаролот Кристиан Виганд.

Германија еднострано ги затвори границите кон Австрија, а Белгија ја продолжила забраната за сите неважни патувања до 1 април.

Портпаролот додал дека сите земји членки го поддржале предлогот на Комисијата за заеднички координиран пристап за ограничувањата на движење во контекст на борбата против пандемијата од коронавирусот и дека секое непридржување на договорениот пристап создава проблеми во слободното движење.

– Државите членки можат да преземат мерки за запирање на ширењето на заразата, но тие мерки мора да бидат пропорционални и недискриминирачки за граѓаните на ЕУ – додал Виганд.

На прашањето дали белгиските и германските мерки се пропорционални, тој рекол дека одговорот на тоа прашање не е така едноставен.