Европската комисија ја прифатила кандидатурата на Град Скопје за престижното признание „Европска зелена престолнина“ во 2021 година.
Со поднесувањето на апликацијата за ова признание, Градот Скопје покажува стратешка определба да преземе конкретни чекори за почиста и поздрава животна средина, што е дел и од изборната програма на градоначалникот Шилегов, соопштуваат од Град Скопје.
За наградата „Европска зелена престолнина 2021“ се натпреваруваат девет града, и тоа Будимпешта (Унгарија), Калјари (Италија), Дижон (Франција), Лахти (Финска), Лил (Франција), Скопје (Македонија), Стразбур (Франција), Тирана (Албанија) и Вестерос (Шведска).
Градот Скопје апликацијата за ова престижно признание ја поднесе во октомври годинава. Апликацијата која е на 150 страници содржи вовед и опширни одговори на прашања за постојната состојба со животната средина во градот, минатите активности во оваа област и плановите и чекорите што ќе ги преземе Град Скопје до 2021 година во 12 индикатори (показатели), и тоа: ублажување на климатските промени, приспособување на климатските промени, одржлива урбана мобилност, одржлива употреба на земјиштето, природа и биодиверзитет, квалитет на воздух, бучава, отпад, води, зелена површина и еко-иновација, енергетски перформанси и управување, велат од градската власт.
Параметрите по кои ќе не’ оценуваат се од 12 области од животната средина, при што се гледа појдовната позиција на градот пред една година кога јас ја преземав функцијата градоначалник, што е преземено во таа година и која е стратегијата на градот за подобрување на условите во средината и за развој. Признанието „Европска зелена престолнина“ не се однесува само на зеленилото, тоа е начин на функционирање на градот – алтернативниот превоз, енергетската ефикасност, транспортот и сите други мерки што ги преземаме за подобрување на животот на граѓаните. Во наредниот период ќе бидеме под засилен надзор, очекувам дека нашата стратегија за поздрава и почиста животна средина ќе наиде на позитивно мислење во Европската комисија. Самото прифаќање на нашата кандидатура е показател дека Скопје е на добар пат да ги надмине проблемите во кои живееме – објаснува градоначалникот Шилегов.