Европската централна банка (ЕЦБ) ги предупреди кредиторите со значителна изложеност кон Русија да се подготват за воведување меѓународни санкции против таа земја доколку Москва изврши воен напад врз Украина.
Предупредувањето на ЕЦБ, која ги надгледува 115-те најголеми банки во еврозоната, дојде откако САД се заканија дека Русија ќе се соочи со „големи последици“ доколку испрати војници во Украина, пишува ФТ.
Претставници на ЕЦБ побараа детали за тоа како банките ќе постапуваат во различни сценарија, како што е можноста за блокирање на пристапот на руските банки до меѓународниот платен систем SWIFT. Во барањата се нагласува дека ЕЦБ сака да обезбеди европските банки да можат да применат каков било режим на санкции и брзо да ги блокираат клиентите со кои им е забрането да соработуваат.
Централната банка ги истражуваше ризиците од различни можности и вршеше притисок врз банките да ги споделат деталите за сопствените проценки и плановите за вонредни ситуации, според извори запознаени со деталите. Наведените банки не сакаа да ја коментираат оваа информација.
Меѓународните банки, вклучително и нивните руски филијали, имаат околу 121 милијарда долари средства што им ги должат субјекти со седиште во Русија, а има 128 милијарди долари заеми и депозити од руски субјекти во странски банки.
Сосиете Женерал има најголема финансиска изложеност кон Русија од европските банки, со 2,6 милијарди евра, според JP Morgan. Австрискиот Рајфајзен има 1,9 милијарди евра, а Уникредит 1,4 милијарди евра изложеност кон Русија.
Директорот на една од банките рече дека главниот ризик од санкции за руското инвестициско банкарско работење е за оние кои работат со големи инвестициски компании и олигарси, а не за комерцијални банкарски единици, кои главно се занимаваат со средни компании и население.
Најголемиот „системски ризик“ би бил доколку Русија биде отсечена од платежната мрежа SWIFT, што би можело да има влијание врз целиот руски банкарски систем. Наводно, руската централна банка има намера да активира домашен меѓубанкарски систем за да го замени SWIFT, доколку е потребно.
Дополнителен ризик за европските банки би бил доколку конфликтот во Украина ја намали вредноста на руската рубља, со што ќе се намали вредноста на капиталот во нивните руски филијали. Директорите на европските банки наведуваат, под услов да останат анонимни, дека постои ризик Москва да им се одмазди на банкарите кои се обидуваат да спроведат меѓународни санкции испраќајќи ги во затвор.