Претседaтелот на Собранието, Трајко Вељановски на денешната средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан потенцирал дека особено ја цени принципиелната политика на Унгарија во поглед на поддршката на интегрирањето на целиот Балкан во Европската унија, како и поддршката кон земјите кои ги исполниле потребните критериуми за членство во НАТО, потенцирајќи го интегрирањето како особено значајно пред се за стабилноста на регионот и Европа, соопштуваат од кабинетот на Вељановски.
Орбан, пак, се заблагодарил за можноста да се оствари средбата и изрази задоволство од добро развиените и пријателски односи меѓу двете држави.
Тој изразил задоволство во однос на развојот на економските односи, посочи дека се запознаени со актуелните економски параметри на Македонија, дека треба да се честита за постигнатите економски резулати кои се значајни и истакнати и во европски рамки и кои укажуваат на политичка и економска стабилност на државата.
Орбан, се вели во соопштението, се осврнал и на промените во центарот, јадрото на главниот град, кои можел да ги увиди од неговото последо престојување во Скопје и за кои смета дека треба да се честита.
Во однос на интегрирањето на Македонија во европското семејство тој посочил дека ставот на Унгарија по ова прашање е јасен, Европската унија има потреба Македонија да стане нејзин член, дека Европската унија има одредени проблеми и дека заради справување со нив е потребно да го промени концептот, на Балканот е потребно да се гледа не како на проблем, туку како на можност.
Орбан посочил дека се запознаени со спорот кој го имаме со јужниот сосед, дека не е правилно тој да се постави како услов и дека тој е против политиката ова прашање да биде проблем кој ќе го спречува интегрирањето во Европската унија. Тој воедно потенцирал и дека токму тој бил првиот што го изнел овој став во Европската унија и дека добил поддршка од повеќе истомисленици.