Европскиот парламент ќе гласа за Брегзит на 29 јануари

Комисиите на Европарламентот во Брисел усвојуваат заклучоци и предлог мислења за Брегзит. Конечното гласање на ЕП за Договорот за повлекување на Велика Британија од ЕУ е планирано за пленарна седница на 29 јануари.

Гласањето на Европскиот парламент за Договорот претставува и последна законска процедура пред стапувањето на Брегзит во сила.

Се очекува европарламентарците на 29 јануари на пленарна седница во Брисел да го поддржат овој Договор, а Велика Британија пред полноќ на 31 јануари и официјално да ја напушти ЕУ.

ЕП на 31 јануари планира церемонија на спуштање на британското знаме, кое се наоѓа пред седиштето на Парламентот во Брисел покрај знамињата на останатите 27 земји членки. Британското знаме потоа ќе стане дел од колекцијата на Музејот на Европската историја, кој се наоѓа во непосредна близина на Европарламентот во Брисел.

Со излезот на Британија од ЕУ ќе се смени составот и бројноста на ЕП, кој од 751 ќе се намали на 705 пратеници. Со заминувањето на 73 британски пратеници, 27 места ќе ги дополнат пратеници од 14 други земји членки, додека 46 места ќе се чуваат за „евентуални идни членки на ЕУ“.