Европските берзански индекси во минус

На европските берзи во среда претпладнево се тргува претпазливо, бидејќи еуфоријата поради новите стимулативни мерки во кинеската економија стивна, па повеќето берзански индекси се во минус.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 0,4 отсто во првиот дневен пресек, по двата дена раст. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,39 отсто, на 8.250 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,64 отсто, на 18.875 поени, а париски CAC 0,59 отсто, на 7.559 поени.

И повеќето азиски берзи тргуваат претпазливо. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот пресек од тргувањето како и во Европа, порасна за 0,6 отсто, достигнувајќи ново највисоко ниво во последните две ипол години. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei се лизна за 0,2 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,2 и 1,3 отсто. Во Хонгконг и Шангај тие се зголемија меѓу 0,7 и 1,2 отсто..

Откако вчера скокнаа околу 4 отсто, цените на акциите на кинеските берзи претпладнево дополнително пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваат дека новите монетарни и фискални мерки ќе го поттикнат економскиот раст.

Бидејќи растот на втората по големина светска економија долго време е побавен од очекуваното, кинеските власти во вторникот ги воведоа најсилните стимулативни мерки од пандемијата. Така, тие ги намалија краткорочните каматни стапки и стапките на издвојување на задолжителната резерва на банките, што треба да го стимулира кредитирањето и економскиот раст.

Дополнително, најавија дека ќе ги олеснат условите за хипотекарните кредити и ќе воведат нови мерки за сузбивање на долгорочната криза на пазарот на недвижности.