На европските берзи во вторник претпладнето се тргуваше претпазливо, а берзанските индекси беа малку пониски додека инвеститорите очекуваат нови вести кои би можеле да ги насочат пазарите.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во претпладнево е во минус за 0,3 отсто, губејќи ги вчерашните добивки. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,30 отсто, на 8.398 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,16 отсто, на 18.738 поени, а париски CAC 0,46 отсто, на 8.158 поени.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше намален за 0,5 отсто, лизгајќи се од највисокото ниво во последните 15 месеци. Истовремено, јапонскиот Nikkei индекс ослабе за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 0,1 и 2,1 отсто.
Кинеските берзи вчера пораснаа, откако властите најавија нови мерки за сузбивање на кризата на пазарот на недвижности, но претпладнево ги загубија тие добивки, бидејќи, според аналитичарите, овие мерки нема да дадат резултати толку брзо.
Азиските инвеститори не беа импресионирани ниту од вчерашниот рекорден индекс Nasdaq, по растот на цените на акциите во технолошкиот сектор. Во исто време, акциите на „Nvidia“ беа меѓу најголемите добитници, со скок на цената од 2,5 отсто. Најмалку три брокерски куќи ги зголемија своите ценовни цели за акциите на „Nvidia“ пред кварталниот извештај за заработката на производителот на чипови во средата. Извештајот од „Nvidia“, водечки производител на чипови за вештачка интелигенција, ќе покаже дали побарувачката за овие чипови останува силна.
„Доколку резултатите на Nvidia се подобри од очекуваните, тоа би можело да го поттикне растот на пазарот, иако не верувам дека овој раст би бил значаен бидејќи сè ми изгледа скапо во моментов. Само Fed може значително да го стимулира растот на пазарот со намалување на каматните стапки, но податоците за инфлацијата досега не поддржуваат таков потег“, вели Стивен Масока, потпретседател на „Wedbush Securities“.