Странските инвестиции за да бидат мотор на економскиот раст треба да бидат поттикнати од државата. Институтот за економски анализи Фајнанс Тинк во своето девет месечно истражување на оваа тема доаѓа до заклучок дека извозно ориентираните компании имаат потенцијал за инвестиции во тек на пандемијата, а со тоа би им се зголемило производството и конкуренцијата. За извозните компании според експертите исто така е битно да се вложува во човечкиот капитал.
„Ковид 19 пандемијата покажа исто така колку е важно дома да имате домашни добавувачи. Затоа што во пандемијава се нарушија тие синџири на добавување. Голем дел од домашните компании беа соочени со проблем од каде да ги набават ресурсите и импутите. Тоа ја извлече на површина недостатокот на многу малата соработка помеѓу домашните и странските компании. Во следниот период мора да се јакнат овие врски помеѓу домашните компании и мултинационални компании“, рече Благица Петрески Фајнанс Тинк.
Но, како домашните така и странските компании засега зависат од законите кои се заглавени во собранието. Освен плати за работниците пратениците треба да изгласаат и законски решенија за намалување на царини и останати мерки кои треба да им го олеснат функционирањето на фирмите.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи е оптимист дека за десет дена собранието ќе биде одблокирано и работниците ќе ги добијат платите а работодавачите мерките за подобрување на ликвидноста.
„Февруари ќе биде покриено со плата. А другиот одговор треба да го дадат пратениците во собранието. Јас знам како би постапил да сум на нивно место“, рече Битиќи.
Истражувањето на Институтот Фајнанс Тинк покажува дека на глобално ниво пандемијата ги запре глобалните инвестиции и ја влоши потрошувачката во целина. Лани странските директни инвестиции во светски рамки се намалија за дури 40 отсто, а попрецизно во земјите во развој како Македонија овој процент е и далеку поголем.