Фајон очекува Советот на ЕУ да ја промени одлуката за Македонија и Албанија

Европскиот парламент ќе продолжи да ја поддржува политиката на проширување на ЕУ и ќе испрати позитивен сигнал до Северна Македонија и Албанија пред Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб, изјави денеска претседателката на Делегацијата на Европарламентот во парламентарната Комисија за стабилизација и асоцијација на Србија и Европската унија, Тања Фајон на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.

– Европскиот парламент ќе продолжи активно да ја поддржува политиката за проширување на ЕУ и да се залага за српскиот пристап како најдобар начин за напредок во европските интеграции, изјави Фајон, додавајќи дека очекува Европскиот совет да ја промени својата одлука за Северна Македонија и Албанија и да испрати позитивен сигнал до двете земји пред Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб.

Како што соопшти Кабинетот на српскиот претседател по средбата, Фајон изјавила дека Европскиот парламент се залага за проширување на ЕУ и дека Србија е меѓу најсериозните кандидати, честитајќи и „за економските успеси и за можноста Европскиот парламент да посредува во дијалогот меѓу власта и опозицијата“.

Фајон, според соопштението, изразила загриженост за слободата на медиумите во Србија, но и честитала на земјата за изработката на медиумската стратегија.

Српскиот претседател на средбата рекол дека „Србија е посветена на мирот и стабилноста во регионот, а регионалната соработка, зајакнувањето на односите со соседите и континуираната политика за помирување се приоритети за надворешна политика“, додавајќи дека Белград му придава големо значење на Берлинскиот процес, „чија важност се гледа во поддршката на европската интеграција на Западниот Балкан преку конкретни проекти и мерки“.