Фајзер и Модерна ги тестираат вакцините и за новиот тип на коронавирус

Фајзер и Модерна ги тестираат своите вакцини против Ковид-19 за новата верзија на вирусот што брзо се шири и се појави во Велика Британија, објави денес Си-Ен-Ен.

Модерна очекува дека нејзината вакцина ќе ги заштити луѓето од новата варијанта на вирусот и ќе изврши повеќе тестови со цел да го потврди тоа во наредните недели, се наведува во соопштението на компанијата проследено до Си-Ен-Ен.

„Врз основа на досегашните податоци, очекуваме дека имунитетот предизвикан од вакцината Модерна ќе биде заштитa и од неодамна опишаните варијанти во Велика Британија. Ќе извршиме дополнителни тестови во следните недели за да го потврдиме ова очекување“, се вели во соопштението на Модерна .

Научниците од Фајзер собираат податоци за тоа колку примероци од крв, земена од луѓе имунизирани со неговата вакцина, можат да го неутрализираат новиот вид на вирусот што се појави најпрвин во Велика Британија, се вели во извештајот.

Откривањето на нова варијанта на вирусот корона предизвика нов бран паника, пред се затоа што се пренесува 40-70 проценти побрзо.

Научниците изјавија дека нема докази дека вакцините од Pfizer и BioNTek или други производители нема да ги заштитат луѓето од новиот тип на вирусот.