Австрискиот канцелар Вернер Фајман изјави дека Македонија не може да биде надворешна граница на ЕУ и оти очекува Германија да ги следи чекорите што ги презема Австрија за запирање на бранот бегалци, пренесува МИА.
Фајман во интервју за виенскиот дневник „Курир“ вели дека Македонија, Србија, Хрватска и Словенија се пред предизвик, бидејќи Грција не е во состојба да ја обезбеди надворешната граница, но оти Македонија која не е членка на ЕУ не може да биде надворешна граница на Унијата.
Австрискиот канцелар смета дека Германија наскоро ќе ја промени својата политика кон бегалците следејќи го австрискиот пример.
Австрија презеде чекори имајќи ја предвид реалноста, а такви чекори ќе преземе и Германија. Уверен сум дека наскоро повторно ќе бидеме усогласени, истакнува Фајман.
Австрија на почетокот на бегалската криза беше меѓу најблиските сојузници на Германија. Но, поради огромниот бран бегалци во двете земји се зголеми внатрешно-политичкиот притисок со барање границите да се затворат. Австрија воведе ограничување на приливот бегалци, кое за годинава предвидува само 37.500 барања за добивање азил. Виена воведе и квота за пропуштање на максимум 3.200 бегалци кои сакаат да добијат азил во некоја друга европска земја.