„Фактор“ интервју: Домашната компанија „Топ Билд“ спречена е да гради со законска документација

Приватната сопственост и правото на деловните луѓе да работат непречено во услови кога нивниот ангажман не се коси со законските прописи и прифатените општествени норми, треба да биде светост во секое развиено општество, кое претендира да има и солиден економски развој. Но, во земјава не секогаш е така. Дел од приватните бизнис субјекти се соочуваат со сериозни проблеми, и се спречени да почнат да градат сопствен објект, и покрај тоа што за тоа ги имаат извадено сите потребни документи согласно законските прописи. Таков проблем има компанијата „Топ Билд“, која иако ги има сите потребни дозволи, уште од мај годинава не може да стартува со изградбата на својот објект, во кој планираат да инсталираат нова и најсовремена постројка за производство на рециклиран асфалт, објави „Фактор“

Сопственик на компанијата „Топ Билд“ е Радоман Дамјановиќ. Всушност, тој во интервју за Фактор прецизно објасни со какви проблеми се соочила неговата компанија, а од што најдобро се гледа зошто треба да се подобри деловната клима во нашата држава. Инаку, „Топ Билд“ е домашна градежна компанија која се занимава со нискоградба, а нејзин главен фокус се асфалтерските работи. 

„Компанијата постои подолг период, а седум години се занимава со асфалтерската дејност, претходно приоритетна дејност беа надзорни активности, а работеше и во градежништво. Јас сум сопственик на компанијата веќе шест години. Брои преку 30 вработени. Имаме приходи од околу пет милиони евра годишно, а профитабилноста се движи некаде меѓу 10 и 20 проценти, што зависи од годината, или бруто добивката е од половина до еден милион евра годишно, инвестиравме пет милиони евра во најсовремена механизација“, објаснува Дамјановиќ.

Можете ли попрецизно да ни објасните со каков проблем се соочивте?

Дамјановиќ: Искрено жалам што наместо да дискутираме за унапредувањето во заштитата на животната средина, како и унапредувањето на економијата и производството во целина со што би се унапредило квалитетното живеење и стандард на граѓаните, ние мора да браниме еден современ еколошки производствен проект и со самото тоа ги одобруваме сите оние чинители кои дополнително не уназадуваат како општество. Ние како компанија почнавме инвестиција, со намера на пазарот да донесеме нова и напредна технологија, која е пракса во развиените држави. Станува збор за најсовремена и еколошка постројка за производство на рециклиран асфалт. Тоа значи дека асфалтот кој е дотраен и кој се отстранува од нашите патишта, се преобработува со постројката, и повторно се враќа, односно се користи. Таа постројка влијае индиректно на заштита на животната средина, бидејќи е значително намалена потребата да се користи материјал кој се експлоатира од минералните суровини. Таму запрашувањето е многу поголемо и влијае на животната средина, односно се користат материјали кои се експлоатираат од рудниците, и при минирањето и дробењето има процес на запрашување, додека при производството на рециклиран асфалт тоа е еден затворен процес, каде што буквално нема никакво запрашување. 

Значи вие ја купивте опремата, и сакавте да ја инсталирате во производствен погон во земјава, а за која цел купивте и земјиште?

Дамјановиќ: Тоа е целосна постројка од производителот Marini од Alfonsine во Италија, кој е реномиран производител за овие постројки. Ја набавивме и увезовме опремата во државава. Треба да напоменеме дека купувањето на таа опрема е целосно финансирано со кредит од домашна деловна банка, која финансира исклучиво еколошки проекти, и доколку тие не беа уверени согласно протоколите кои ги имаат во банката, немаше да ни одобрат финасирање на таа опрема. 

Колку ве чинеше оваа инвестиција? 

Дамјановиќ: Некаде околу еден и пол милиони евра чини само опремата до овој момент. Иако, ние тука имаме многу дополнителни инвестиции од аспект на градежни работи, дополнителна опрема што треба да се набави, соларни панели, земјиште…

Каде го купивте земјиштето?

Дамјановиќ: Земјиште купивме во општина Чучер Сандево, од приватна компанија која го поседуваше, и тоа земјиште согласно имотниот лист кој ни го покажаа, беше со намена Г2. Согласно важечкиот правилник за урбанистичко планирање, главната намена на Г2 е за инсталирање и изградба на лесна и незагадлива индустрија, каде што прва поднамена, Г2.1. е изградба и монтажа на постројки за производство на асфалт и бетон, или поедноставно асфалтни и бетонски бази. Потоа, за да се стекнеме со одобрение за градба, согласно сите закони и правилници, ние бевме обврзани да прибавиме дополнителна документација, каде што се изјаснуваа повеќе институции, и сите дадоа позитивно мислење. Така се остварија условите да добиеме правосилно одобрение за градба кое го поседуваме. Тоа вклучува решение за одобрен елаборат за животна средина од Министерството за животна средина, кое е клучно за ваков тип на постројки, потоа Водовод и канализација, комуналните претпријатија кои што се изјаснуваат од аспект на инфраструктура, ЕВН, локалното комунално претпријатие, како и Управата за цивилно воздухопловство, бидејќи во непосредна близина таму е аеродромот Стенковец. И од таму имаме добиено позитивно мислење дека оваа постројка и опрема, и со тој проект каков што го приложивме, нема да има никакво влијание на аеродромот. 

Бидејќи ги имавте сите потребни документи, кога стартуваше изградбата?

Дамјановиќ: Бидејќи правосилното одобрение за градба го добивме кон крајот на април годинава, изградбата стартуваше на 28 мај, по што веднаш направивме организација и ги известивме надлежните институции согласно условите пропишани во одобрението, го оградивме градилиштето согласно закон и почнавме со изведба на работите. Во истиот момент, неколку часа подоцна, од страна на Здружението на стопанственици од индустриска зона Визебегово, ни беше блокирана изградбата.

Зошто, каде точно се наоѓа тоа земјиште?

Дамјановиќ: Локацијата се наоѓа точно на самата обиколница во општина Чучер Сандево, во непосредна близина на спортскиот аеродром Стенковец. Аеродромот Стенковец е на северната страна од обиколницата, а нашиот имот е на јужната страна. Значи самата обиколница е граница меѓу нив.

А колкаво е тоа земјиште?

Дамјановиќ: Имотот е околу 5.000 метри квадратни, а објектот за производство на асфалт што тука го поставуваме зафаќа површина помалку од 1.000 метри квадратни. Земјиштето го купивме по цена од 60 евра за метар квадратен плус ДДВ, бидејќи го купивме од приватна компанија, односно од компанијата „Виа маркетинг зони“. 

Значи, ги добивате сите потребни дозволи и на 28 мај почнувате да градите?

Дамјановиќ: Да, согласно правосилно одобрение за градба кое го поседуваме. Веднаш по почетокот на работите се појавија претставници од Здружението, каде што влегуваат неколку компании од зоната Визбегово. Треба да се напомене дека против нашата постројка не се сите компании што работат во таа зона, туку само неколку субјекти, кои со мобилизација на свои вработени дојдоа и го блокираа пристапот, и оневозможија нашата опрема, машини и луѓе да излегуваат и да влегуваат во објектот, со што ја попречија градбата и не попречија во владение. И за сето тоа многу лесно можат да се најдат докази бидејќи сето тоа се одвиваше и во присуство на медиумите. 

Би ни откриле ли кои се тие компании кои се предводници на овие активности кои ве попречуваат да работите?

Дамјановиќ: Ние сме запознаени дека еден од нив е сопственикот на компанијата „Polyesterday“, друга компанија е „Темпо 99“, кои се непосредни соседи до нашата парцела, тоа е господинот Џеват Шаини, потоа господинот Нухи Алиу од „Еуроактива“, Фатмир Емини од „Евтинија Импекс“, и генерално, тоа се најгласните компании. Едно време таму го гледавме и професорот Таип Јакупи, за кого мислам дека предава на бизнис академијата Смилевски. Со нив претходно имавме средба, во оној момент кога тие добија информација дека ние сме го купиле тоа земјиште и дека имаме намера да изградиме асфалтна база. Тогаш на нивно барање остваривме средба и нашата цел беше да ги осигураме дека не станува збор за никакво загрозување на нивната средина и дека нема никаква опасност по нивното здравје, бидејќи станува збор за современа опрема која има пракса и се користи во сите развиени западни држави. Тие не веруваа во тоа и се соочивме со спротивставување, и изнесување невистини и небулози, каде што тврдеа и се уште тврдат дека асфалтот е канцероген, тоа е лага со цел да предизвикаат паника кај населението провоцирајќи ги нивните лични чуства на осетлива тема без аргументи. Една пекара за две недели работа испушта во атмосферата повеќе штетни органски соединениа отколку една современа асфалтна база за цела година работа, односно една бензинска пумпа за пет месеци испушта повеќе толуен во атмосферата. Излегуваа повеќе пати во јавноста и сите работи кои ги изнесоа досега се груби невистини. Освен една работа, а тоа беше едно истражување, каде доставиа студија од некој институт за здравје од Њу Џерси, САД, каде што во насловот беше подвлечено дека асфалтот е опасен, за во самиот текст да стои дека асфалтот не е идентификуван како канцероген, и тоа е единствена вистина досега, која е спротивна на сите нивни претходни тврдења. Значи, пласираа невистини дека асфалтот е канцероген, пласираа невистини дека елаборатот кој е изработен од стручна компанија ангажирана од наша страна содржи податоци кои се фингирани, и тоа е груба невистина, бидејќи тој елаборат содржи податоци кои се сертификати издадени од самиот производител. Друга невистина што ја кажаа е дека земјиштето не е за намена за изградба на асфалтна база. И кога самите после долго истражување и прибавување на документација веројатно увидоа дека сите нивни тврдења се невистини и неосновани, тогаш посегнаа на друг начин да ја девастираат компанијата и да го уништуваат нејзиниот имиџ, и да не обвинуваат за незаконско работење за добиен тендер во општина Чучер Сандево, каде исто така изнесоа еден куп невистини. Со самото тоа потврдија дека нив воопшто не им е грижа ниту за животната средина, ниту им пречи базата што ќе биде во нивна непосредна близина, туку тие застапуваат некои други интереси, со кои некој има намера да ја ограничи лојалната конкуренцијата, односно да го елиминира „Топ Билд“ на пазарот.

Во кого се сомневате? 

Дамјановиќ: Не можам да кажам бидејќи немам потврдени податоци.

А која ви е конкуренцијата во тој бизнис?

Дамјановиќ: За делот каде што не обвинуваат, ние прв пат се јавивме во таа општина и го добивме тој договор во 2023 година, треба да се истражи системот за јавни набавки и да се види кој се претходно таму учествувал и кој ги извршувал работите, и можеби тоа ќе биде показател кому му пречи конкуренцијата. Инаку, повеќе компании работат асфалтерски работи. 

Дали се уште не ви дозволуваат да почнете со градбата?

Дамјановиќ: Не ни дозволуваат. И во секој момент кога ќе забележат некои наши активности, тие доаѓаат и велат дека имаат законско право да изразуваат протест согласно Уставот. Во меѓувреме кога немаат кворум од 21 лице паркираат возила пред нашиот влез и на таков повторно незаконски начин не попречуваат во градба, нивните закани одат дотаму што ни велат дури и да успеете во намерата да ја изградите постројката ќе ве блокираме во работата на разни начини со сценирани сообраќајки и нема да ве оставиме да работите.

Дали нив им се придружуваат и граѓани кои таму живеат?

Дамјановиќ: Не, не. Тие се координираат неколку компании и секоја од нив праќа по два-тројца вработени и бараат поддршка и од други соседни компании, за да дојдат до оној број кој е минимум потребен за да се одржува јавен собир, 21 лице. За ова ние многу пати имаме пријавувано во надлежните полициски станици и во СВР Скопје. Имаме ситуации каде наши вработени се соочени со притисок и со закани. Голем број од нашите вработени се од таа општина и се радуваат кога има нови инвестиции бидејќи нивните фамилии живеат таму и со плаќање на даноци се подобрува образованието, здравството и општото добро на општината. Впрочем граѓаните на Чучер Сандево со петиција од скоро илјада потписи се изјаснија за подршка за изградба на современа асфалтна база во индустриската зона. 

Дали доаѓа Полицијата кога ќе ја викнете?

Дамјановиќ: Полицијата доаѓа, прави некои записници, а некои записници се составуваат и во нивна корист, каде што работите не се пренесуваат такви какви што се, а случаите се затвораат и не е покрената никаква постапка по службена должност. Ние покренавме приватни судски постапки за оневозможување во владение и за ограничување на движење. Ние ги имаме известено сите министерства со допис за целиот случај. Можеби половина од новата Влада е известена, каде што бараме да ни се заштитат нашите загарантирани права со закон и да ни се овозможи пристап. При една од тие пријави во полициската станица Мирковци, каде што наши вработени даваа пријави за одреден настан, информиран сум дека е повикан и инспектор од Секторот за насилство, кој стапил во контакт со дежурен јавен обвинител, бидејќи настанот се случил подоцна во вечерните часови. Тогаш обвинителот е известен за сета хронологија и тој ги информирал службениците од МВР дека не постои можност да се поведе службена постапка. Но, тој им дал насоки на инспекторите дека надлежната полициска станица треба да и овозможи непречен пристап на приватната компанија која ја поседува документацијата да ги извршува своите редовни работни активности и да се овозможи непречен влез и излез од објектот. За тоа сигурно е составена некаква службена белешка која ја имаат во Полицијата. 

А какво насилство се случило?

Дамјановиќ: Имало закани кон нашите вработени со зборовите „Да си одите веднаш и повеќе да не се враќате“, „Да му пренесете на управителот и на сопственикот дека тука никогаш нема да се изгради асфалтна база“, а во одреден момент имало и неовластено влегување на нашиот имот и се упатени закани со зборовите „Да си одат побргу, да не се симне некоја екипа од село кои се агресивни и кои може да направат беља“, со што нашите вработени се почувствувале загрозени по нивната безбедност и здравје. Во други случаи наши возила и механизација се попречувани и опколувани на неколку стотини метри уште пред влезот на нашиот имот од НН лица и со попречување со едно две патнички возила. Класично самоволие на дело.

Уште траат овие протести?

Дамјановиќ: Овие протести траат континуирано од 28 мај се до ден денеска. Во повеќе наврати е пријавувано во Полицијата, известени се сите министерства. Јас колку што сум информиран, Здружението во повеќе наврати има доставено барања или претставки до институциите со цел отповикување на веќе правосилно донесеното одобрение за градба. Ние веруваме во правната држава и настојуваме да ги искористиме сите правни лекови за да си ги заштитиме своите права кои ни се и нас загарантирани со закон и со Устав. Ние секогаш поддржуваме граѓаните да изразат свој револт за одредени работи за кои сметаат дека се неправедни, но не смее уставно загарантирано право да се злоупотребува за некакви други цели, во случајов за некакви бизнис интереси.

Кои ќе бидат Вашите следни чекори?

Дамјановиќ: Ние веќе имаме поднесено тужби до судските инстанци. Сега ќе ги известиме и меѓународните институции за загрозување на човекови права, а ќе доставиме уште неколку претставки, со инсистирање надлежните органи, односно Полицијата да почне да делува и да ги заштити нашите права, а со цел да можеме да ги оствариме нашите намери. Треба да се потенцира дека се работи за група од неколку поединци, бидејќи не станува збор за сите компании кои работат и функционираат во Визбегово, затоа што таму има и реномирани и општествено одговорни компании, кои се управувани од многу успешни менаџери и кои не ги поддржуваат овие незаконски работи, и затоа е неблагодарно сите да ги ставиме во една целина. Затоа велиме дека се работи само за неколку компании кои можеби се чувствуваат загрозени, но веќе на сите им е јасно дека аргументите и законот се на наша страна, и дека кај нив не станува збор ниту за грижа за животната средина, ниту за грижа за владеење на правото, бидејќи сите постапки се испочитувани. Во меѓувреме на уште еден национален ТВ сервис имаше гостување на директорот на Државниот инспекторат за животна средина, кој за конкретниов случај прецизно одговори дека новите и современи асфалтни постројки кои подлежат на редовни контроли, не се опасни по животот и здравјето на граѓаните и по животната средина.

Уште еднаш ќе Ве прашам, дали на протестите има граѓани кои живеат таму во близина?

Дамјановиќ: Според снимките кои можеме ние да ги забележиме на протестите, станува збор за градежни машини и возила на компанијата „Баукоп”, за која исто така, мислам дека е сопственички поврзана со компанијата „Темпо99“ на господинот Џеват Шаини, и тие се употребуваат за блокада на нашиот влез, со тоа што се поставуваат непосредно пред него, додека луѓето кои што ги гледаме таму се претежно облечени во ХТЗ опрема и со ознаки од компаниите, што значи дека тие во поголем број се нивни вработени. Можеби да има и некој жител таму, каде што тие успеале да направат некое влијание тој да се појави на протестите и да даде некоја изјава, но дефинитивно не станува збор дека жители од било каде се вознемирени бидејќи се работи за индустриски простор каде што се наоѓаат исклучиво само компании. А, истиов тип на постројка и од истиов производител се инсталирани во густо населени подрачја во светски познати метрополи, како што е Версај во Париз, Милано и Болоња во Италија, повеќе локации во Австрија, во Унгарија, во Норвешка… Асфалтна база “Green Asphalt” на друг производител има во ЛонгАјланд во сојузната држава во Њујорк, САД, која буквално е во центарот на државата, каде што живеат 10 милиони жители. Тоа е густо населено место, со паркови….

Додека, пак, во Визбегово во зоната, таму нема жители, ние сме индустриска развојна зона, каде што нема жители. А, во непосредна близина има две диви депонии, кои неконтролирано горат, и овие луѓе кои нас ни протестираат, во ниеден момент не искажале грижа. Значи, ние сме баш во зоната, меѓу две диви депонии, и ниту ова Здружение, ниту овие луѓе кои стојат зад овие протести, во било кој момент изразиле грижа за загрозување на животната средина. Во блиско минато таму имаше и случај во кој неконтролирано се топеше некое олово, и каде излегоа претстсавници на здравствени институции и потенцираа дека станува збор за опасност по колективното здравје, и тогаш немаше никакви реакции. А за да биде апсурдот уште поголем, целата оваа индустриска зона е обиколена од петнаесетина индустриски објекти – за производство на камен, за производство на асфалт, за производство на бетон, и повеќето од тие производствени капацитети се со значително застарена опрема, за која не сме сигурни дека ги задоволува еколошките стандарди. И за нив нема никакви реакции, а единствената реакција таму е за најсовремената постројка на „Топ Билд“.

Дали сте пресметале некоја изгубена добивка за целиот овој период неработење?

Дамјановиќ: Ние трпиме огромни штети секој ден. Не би сакал да лицитирам со бројки во овој момент. Но, имаме голем број вработени кои се подолго време вработени во компанијата само за таа намена, и тие сега не можат да си го вршат редовното работење и активности. А има и друга опрема која е поврзана со работата на оваа база, која е уште порано набавена, и која сега се уште не може да биде ставена во функција во целосен капацитет. Како што реков, ние овие проекти ги финансираме од домашните банки, а за земените кредити плаќаме и камати. Опремата уште од септември лани е истоварена во едно складиште и треба да се има предвид дека таа амортизира, а не е ни пуштена во употреба. Плус имаме и изгубена добивка, за која ќе се произнесе стручно вешто лице. 

Ова е голем удар за сите инвеститори бидејќи со ваква пракса не може да се развива македонската економија. Не може неколку суетни поединци да се над законот и институциите и да им се дозволи да создадат пракса со која утре секоја законска инвестиција ќе може да се стопира или по нечива желба дислоцира. Македонија е правна држава и верувам дека институциите во периодот кој следува ќе бидат поактивни во спроведувањето на законите и владеењето на правото.