Директорот на американското Федерално биро за истраги (FBI), Кристофер Вреј, синоќа изјави дека Агенцијата проценила дека пандемијата на коронавирус најверојатно била предизвикана од инцидент во лабораторија во кинеската провинција Вухан.
-ФБИ веќе некое време проценува дека изворот на пандемијата е најверојатно потенцијален лабораториски инцидент во Вухан, изјави Вреј за тлевизиската мрежа Fox News.
Неговата изјава доаѓа по неделниот извештај на The Wall Street Journal, според кој американското Министерство за енергетика со „мала сигурност“ проценило дека пандемијата е предизвикана од случајно истекување на вирусот од кинеска лабораторија.
Некои агенции веруваат дека пандемијата е веројатно резултат на природен пренос, додека други се неодлучни, наведе весникот.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби, пред два дена кажа дека американската Влада нема конечен заклучок и консензус за потеклото на пандемијата.
Кинеското Министерство за надворешни работи цитираше извештај на Светската здравствена организација и Кина, кој укажува на природното потекло на пандемијата, а не на истекување на вирус од лабораторија.
Вреј кажа и дека не може да сподели многу детали за проценката на агенцијата бидејќи се работи за доверливи информации.
Тој ја обвини кинеската Влада дека „прави се што може за да се обиде да ги попречи и замагли“ напорите на САД и другите земји да дознаат повеќе за потеклото на пандемијата.