ФБИ пронајде тајни документи во поранешната канцеларија на Бајден

 Американското Министерство за правда разгледува потенцијално доверливи документи од времето кога Џо Бајден беше потпретседател на САД, пронајдени во неговата поранешна канцеларија во невладина организација во Вашингтон, соопшти Белата куќа.

Адвокатскиот тим на Бајден во ноември открил околу десет досиеја документи во заклучен кабинет во „Пен Бајден Центарот” во Вашингтон, рече негов адвокат посочувајќи дека тие се предадени на Националниот архив.

Телевизијата „Си-Би-Ес Њуз” објави дека во ФБИ е вклучено во истрага за доверливи документи пронајдени во невладината организација, а од американскиот државен обвинител Мерик Гарланд е побарано да ги разгледа документите.  

Извор запознат со случајот изјави за телевизијата дека серијата документи не содржат нуклеарни тајни, а не е наведен степенот на нивната класификација и доверливост.  

Бајден, кој беше потпретседател на САД за време на мандатот на Барак Обама од 2009 до 2017 година, до 2020 имаше канцеларија во просториите на невладината организација, што се наоѓаат во близина на Белата куќа.