Фејзи Азири вратен во затворот во Штип

Фејзи Азири, обвинет во случајот „Монструм“, денеска од Клиниката за пулмологија бил вратен во затворот во Штип каде треба да издржува затворска казна за недозволено поседување на оружје, откако Кривичниот совет одлучил дека нема основа да му биде продолжен прекинот на казната. Информацијата ја потвди директорот на затворот, Мики Тодоров.

Kривичниот совет на одделот кривично полнолетни, при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по жалба на осудениот Ф.А. изјавенa против решение на судија за извршување санкции, со кое се одбива молбата за продолжување на прекинот од издржување на казната затвор, советот донесе решение со кое жалбата на обвинетиот се одбива како неоснована- стои во денешното соопштение на судот.

Стартот на повторното судење за случајот „Монструм“ откако предметот го презеде Специјалното обвинителство, се одложи токму поради отсуство на Азири кој се наоѓа на Клиниката за пулмологија. Тој таму бил примен ден пред судењето, но на судењето неговиот адвокат немал целосна медицинска документација.

По информацијата дека е хоспитализиран, од затворот во Штип соопштија дека тој е во бегство. Азири
имаше прекин на казната од 30 јануари до 28 февруари годината кој му беше доделен од министерот за правда. По истекот на прекинот тој не се врати назад во затворот, ниту го оправдал своето отсуство со било каков писмен документ. Поради тоа од затворот го известиле судот и Управата за извршување на санкции.

Откако медиумите обелоденија дека Азири го прекинал издржувањето на затворската казна и не се вратил во штипскиот затвор иако тоа не му било дозволено, полицијата стражарно го обезбедува во болница.

Фејзи Азири, еден од шестмината обвинети за масакрот на Смилковското езеро имал кошмари по убиството на момчињата за што се пожалил на еден од функционерите на ДУИ, што било снимено во „бомбите“ на Зоран Заев, кој на родителите на настраданите им покажал транскрипт од разговорот.