Феми Кути со македонската филхармонија во Градски парк

Градоначалникот Шилегов, заедно со директорот Македонската филхармонија, Виктор Илиески, и џез музичарот Феми Кути,  денеска одржаа  прес-конференција во Македонската филхармонија.

Град Скопје во соработка со МКЦ и Македонска филхармонија работи на обезбедување атрактивни содржини кои ќе ја збогатат летната културна понудата во Скопје. Овој месец во Градскиот парк ќе се одржат два големи настани од областа на културата. Првиот настан кој ќе се одржи во Градскиот парк на 7 јуни (четврток) е настапот на реномираниот џез музичар Феми Кути, познат нигериски музичар роден во Лондон кој повеќе од 30 години е на музичката џез сцена. А вториот голем настан ќе се одржи во Градскиот парк на 22 јуни, и станува збор за изведба на нумерите на светски познатиот бенд Квин од Македонска филхармонија – истакна Шилегов.

Тој го најави и утрешното емитување на отворена сцена во Градскиот парк на македонскиот филм Исцелител, кој  е добитник на 9 меѓународни награди, од кои 5 за најдобар филм.

Исцелител е најпродаван филм, а овој пат на граѓаните им овозможуваме да го гледаат бесплатно. Проекцијата на филмот ќе биде во стариот дел од Градскиот парк, зад споменикот на Гоце Делчев каде што МКЦ ќе постави перници за седење –кажа Шилегов.

Во своето обраќање Шилегов најави дека ќе работат  на  враќање на изгубениот сјај, приматот на институциите на културата и културните манифестации, бидејќи  Скопје заслужува промоција на вистински културни вредности и содржини, наспроти кичот и невкусот кој подолг временски период беше наметнуван од  претходната власт.

Културните манифестации ги ослободуваме од партиските и идеолошките стеги затоа што културата треба да биде за сите граѓани-нагласи  Шилегов.

Отпадот  што ќе го остават посетителите по завршувањето на секој настан ќе го исчистат  Македонска филхармонија во соработка со Пакомак.