![fernando santos](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/12/fernando-santos.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Фернандо Сантош, 68-годишниот поранешен селектор на португалските фудбалери повеќе не е на таа позиција, објавија бројни португалски медиуми.
Португалија на Светското првенство чиј домаќин е Катар беше елиминирана во четвртфиналето против Мароко (0:1). По тој натпревар Фернандо Сантош, кој е селектор на Португалија од 2014 година, изјави дека нема да поднесе оставка. Заклучно со Европското првенство во 2024 година, Фернандо Сантош имаше важечки договор со Португалскиот фудбалски сојуз.
Локалните медиуми пренесуваат дека Фернандо Сантош и претседателот на сојузот имале разговор и конечно договориле разделба, а португалскиот фудбалски сојуз наскоро треба да го објави името на неговиот наследник.
Најголемиот успех со Португалија Фернандо Сантош го постигна во 2016 година кога неговата селекција стана европски првак, додека три години подоцна Португалија ја освои Лигатата на нации на УЕФА.
На овој Мундијал Португалија го освои првото место во групата, а потоа во осминафиналето ја победи Швајцарија со 6:1 но во следната фаза беше неочекувано елиминирана од Мароко.