
Десетта година по ред кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија. Како база за својата оценка кредитната агенција ги зема растот на бруто домашниот производ и општествениот развој на земјава за кои вели дека се „над ББ просекот“, па така кредитниот рејтинг на земјата и годинава изнесува ББ+.
„Фич“: Бизнис климата во Македонија е исклучително поволна
Според оценките на „Фич“ , бизнис климата во Македонија е исклучително поволна и Агенцијата наведува дека земјава е помеѓу најдобрите 30 економии во светот за водење бизнис според ранг листата на Дуинг Бизнис.
„Фич“ во својот извештај го нотира и намалувањето на невработеноста за 10 отсто, односно од 37 отсто во 2005 година на сегашните 27 отсто.

Според „Фич“, банкарскиот сектор во Македонија е добро капитализиран и високо ликвиден, а во оценката се земаат во предвид и двете банки кои се во грчка сопственост.
Ризик е домашната политичка ситуација
Според „Фич“ ризик претставува домашната политичка ситуација, за која очекуваат да се надмине со спроведување на договорот потпишан под покровителство на комесарот Хан.
Според прогнозите на „Фич“ , Македонија и во иднина ќе продолжи да води стабилна фискална и монетарна политика, а трговските партнери на Македонија во ЕУ ќе продолжат со закрепнување што ќе влијае поволно на надворешно трговската размена, пренесува МИА.
„Фич“ по десетти пат го потврди кредитниот рејтинг
Инаку, Македонија е една од ретките земји во регионот и пошироко која успеа да го задржи истиот кредитен рејтинг толку долг период.

Додека за Македонија по десетти пат кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг ББ+, само за потсетување, минатата и оваа година Агенцијата го намали кредитниот рејтинг на повеќе земји, како што се Хрватска, Србија, Турција, Бугарија, Словенија, Русија и други земји.