![filipce pres 2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/filipce-pres-2.jpg?resize=696%2C399&ssl=1)
Според Светската здравствена организација, 60 проценти од 10-те милиони заразени во светот од ковид-19 се регистрирани во јуни, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
– Според сите анализи и предвидувања останува претпоставката дека наесен побрзо и посилно ќе се шири вирусот поради тоа што луѓето ќе бидат повеќе во затворени простории и нема да бидат надвор – рече Филипче.
Во таа насока тој разговара со директори на болници и други институции за да се направи план за искористување на капацитетите. Меѓу нив, можно е да се користат студентските домови во Охрид и во Битола каде може да се сместуваат пациенти. Наскоро ќе биде готов целосниот план за користење на капацитетите и планот за ротација на медицински персонал за справување со вирусот во есенските месеци.
– Во изминативе 10 дена кризата со корона вирусот повторно ескалира на Балканот во соседните земји. Во Србија во изминатите 7 дена има преку 300 случаи на ден, во Бугарија преку 150, во Босна и Херцеговина преку 70, во Косово преку 100 случаи на ден. СЗО извести дека 60% од случаите од 10 милиони заразени во светот се регистрирани во јуни. Насекаде има нов бран, кај нас дојде нешто порано, а сега се јавува во сите земји од нашето опкружување и тоа е директна последица на попуштање на рестриктивните мерки и непочитување на мерките за лична заштита. Не се остварија прогнозите дека вирусот во текот на летото ќе исчезне. Вирусот е тука ќе остане очигледно подолго време. Треба да го подготвиме здравстениот систем, да се навикнеме на новата реалност со почитување на мерките за лична заштита. Оваа реалност можеби ќе трае и подолго од она што првично сите земји во светот го очекуваа – рече Филипче.
Во изминатите 14 дена, според анализата на здравствените власти, има 303 помалку нови позитивни случаи, 8 помалку смртни случаи, 216 повеќе оздравени. Вкупно има 860 позитивни случаи што е помалку од претходните недели. Факторот Р0 во изминатите 10 дена е околу 0,9, освен 2-3 дена кога бил 1,1. Анализата укажува дека имаме 13% позитивни од вкупно тестираните. Денеска бројот на хоспитализирани изнесува 421 пациент што е 11,4 % од вкупниот број на активни случаи.
Бројката на активни случаи е израмнета со бројката на оздравени, но дали овој тренд ќе продолжи останува да се следи. Филипче рече дека се прави рана детекција на случаи при што Центарјот за јавно здравје е целосно посветен на тоа. Со таков пристап се спречува ширењто на заразата, додаде министерот.
Тој апелира до граѓаните да им даваат точни податоци на епидемиолозите што е битно за рана детекција на нови случаи.
Филипче рече дека целиот тим на Министерството за здравство и менаџерите на болниците се посветени на менаџирање на капацитетите и организација на ресурсите.
– Има еден добар процент на пациенти кои доаѓаат во болница откако состојбата им е значително влошена. Апелиравме дека и најмало влошување треба да биде знак за хоспитализација, тоа е начин да се избегне смртен исход – рече Филипче.
На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 90 лица, на кислородна поддршка се 53 пациенти, трендот на помалку примени пациенти трае неколку денови. Слободни кревети има во сите болници.