Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја призна грешката, дали ова ќе го направи и Али Ахмети од ДУИ, прашуваат од владејачкиот блок на албанските партии „Влен/Вреди“. Реакцијата следува откога Филипче вчера призна дека претходната владејачка гарнитура направила грешка со измените на Кривичниот законик, со што се намалија и застареа казните за поранешните корумпирани функционери.
Од „Вреди“ велат дека скандалите и корупцијата инсталирани од ДУИ и нејзините сателити ја поткопале довербата во судството, ги попречиле економскиот развој и социјалниот напредок. Во таа насока, „Вреди“ се осврна на забелешките и недостатоците евидентирани од Европската комисија во нејзиниот последен извештај.
„Извештајот јасно покажува како претходниот режим ја спроведувал власта со нечесни и незаконски методи. Интервенциите на ДУИ во судскиот систем беа неприфатливи“, велат од „Вреди“. Потсетуваат дека измената на Кривичниот законик од ДУИ била презентирана како усогласување со европските стандарди.
„Ова беше уште еден обид за измама на граѓаните и за заштита на нивните лични интереси на штета на правдата и транспарентноста. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја призна грешката, дали ова ќе го направи и Али Ахмети? Спротивно на горенаведеното, коалицијата „Влен“ е посветена на следење чист и чесен пат. Се потпираме на поддршката од граѓаните за да изградиме подобра иднина за нашата земја“, се вели во соопштението.
По изјавата на Филипче, кој побара Владата да донесе нов кривичен законик, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е согласен, но тој да биде изработен според европските стандарди. Мицкоски истовремено го праша претседателот на СДСМ што ќе се случува со оние дела што застареа и за кои граѓаните плаќаат отштета. Рече дека станува збор за милиони евра народни пари. До поранешните функционери од СДСМ предложи да извадат пари од џебот и да продадат дел од својот голем имот и да го вратат во буџетот.