Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека уште денеска ќе го разреши директорот на центарот за јавно здравје Скопје, д-р Арбен Зибери, одговарајќи на прашањето што ќе преземе по пофалбите на Зибери дека тој издејствувал отварање на границите без тестови, а за да можат Албанците од дијаспората да гласаат, па дали Комисијата и власта носат политички одлуки.
– Ја видов изјавата, а невистина е дека директорот Зибери е член на Комисијата за заразни болести. И тоа е негова лоша предизборна реторика и ништо нема да добие со тоа д-р Зибери. Комисијата работи врз медицински индикатори и изјавата не доликува на доктор и човек што раководи со таква институција. Ќе биде сменет д-р Зибери денеска, ако може, ако е правно изводливо! – нагласи министерот Филипче.
Зибери утрово на Фејсбук се пофали дека ДУИ допринела да се отворат границите без протоколите од Светска здравствена организација односно негативен тест и 14 дневна изолација.
-Добредојдовте иселеници. Родното место ве чека. Сега можете да си дојдете дома без тестови и 14-дневна изолација, благодарение на нашиот придонес во здравствените политики на владата. Јас како член на Комисијата за заразни болести и другите членови помогнавме да се отворат границите и луѓето да се движат слободно без протоколите препорачани од СЗО. Зошто да не, дојдете дома за Албанец премиер, напиша Зибери на својот фејсбук профил