Филипче: Ќе нема втор контролен тест за ковид-19 по изолација, состојбата е стабилна

Сотојбата со епидемијата е стабилна, како и состојбата со болничките капацитети. Интензивно се подготвуваме за есенските месеци кога се претпоставува дека ситуацијата може да се комлицира поради појава на респираторни заболувања и сезонски грип, оцени министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција.

– Монтажната болница е празна но целосно подготвена да прими пациенти. Се поставуваат уште 16 мини инфективни одделенија. Овие ковид центри ќе се поствата во близина на болниците. Мора да се подготвуваме за полоши сценарија но ако се придржуваме до превентивните мерки тие може да се избегнат. Апелирам да бидеме одговорни – рече Филипче.

Тој информира дека согласно епидемиолошката состојба во септември се враќа здравствениот систем во нормална работа. Прегледите и интервенциите ќе се спороведуваат според утврдениот план и повторно ќе функционира „Мој термин“.

Филипче потенцира дека јавните здравствени установи имаат обврска за поставување дезинфициенси на влезовите како и јасни и видливи пораки за пациентите, да има одговорно лице кое што е задолжено да спроведува термален скрининг, епидемиолошка проценка, и редовна контрола над примената на превентивните мерки.

– Во здравствената установа ќе биде дозволен влез на лица со специјалистички и супспецијалистички упат 15 минути пред закажаниот термин за преглед, при што ќе биде дозволен влез само на уште еден придружник со задолжително носење маска секогаш во болничките установи. Апелирам до пациентите да се придржуваат до својот термин за да не се создаваат гужви пред амбулантите, а во однос на сите интервенции кои беа одложени се прават листи на пациенти со соодветен редослед, така како што биле одлагани пациентите да ја добијат потребната здравствена услуга – додаде Филипче.

Филипче рече дека Комисијата за заразни болести денеска подготвила нов протокол кој предвидува ослободување од изолација без втор контролен тест и тоа по 10 дена кај асимптоматските случаи и после 20 дена кај оние кои имале симптоми. Претходната препорака за втор контролен тест, како што рече Филипче, била базирана на анализите на САРС и МЕРС, но сега се земаат превид нови препораки.