
Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во вечерашното гостување во вестите на Сител, го поздрави пријателскиот гест на Република Србија за чинот на солидарност што овозможи граѓани од нашата земја, како и соседните земји Босна, Црна Гора, Хрватска викендов да се вакцинираат во Србија.
-Тоа е за поздравување, пред неколку месеци Србија ни донираа вакцини со кои ги вакциниравме здравствените работници, секој што работи со ковид пацинети, а сега ги отвораат вратите и за другите граѓани на соседните земји и мислам дека тоа е многу добар гест. Во моментов кога е буквално борба за вакцини, апсолутно секоја вакцина треба да се искористи и не треба да се дозволи да помине рокот, или да се уништи – рече Филипче.
Министерот упати апел до нашите граѓани кои првата доза на вакцина ја примиле во Србија дека ќе имаат можност доколку одлучат ревакцината да ја примаат во нашата земја, а веќе се подготвува начин како граѓаните да влезат во нашиот здравствен систем како вакцинирани против Ковид 19.