Филипче: На Инфективна слободни уште десетина кревети, се зголемува бројот на хоспитализирани лица

Голем е бројот на пациенти кои се примаат во болниците, само вчера во болницата „8 Септември“ биле примени петмина пациенти, а на Инфективната клиника во Скопје се примени 13, соопшти министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција и апелираше да се почитуваат мерките за превенција од Ковид-19, да се носат маски и да се одржува дистанца, се со цел да се забави ширњето на вирусот.

-Навистина е голем бројот на новодијагностицирани во последните неколку денови, голем е бројот на пациенти кои доаѓаат за прием во болниците. Се пополнува капацитетот во сите инфективни оделенија, не така брзо во Скопје, меѓутоа насекаде во државата. Во текот на вчерашниот ден немаше слободни места во Куманово, во Струмица, во Велес и тие пациенти беа препраќани во Скопје. Пет пациенти се примени во „8 Септември“, 13 на Инфективната клиника. Таму има слободни уште десетина места и ја спремаме модуларната болница со цел да се намали притисокот кон болницата „8 Септември“ за да може другите пациенти да добиваат здравствена услуга. Може да се менаџираат болниците, имаме слободни кревети на Инфективната клиника, но целта е овој растечки тренд да го забавиме, рече министерот за здравство.

За модуларната болница, Филипче кажа дека таа е подготвена до Инфективната клиника и дека може да биде ставена во функција, а има и кадар кој е подготвен да ја менаџира работата.

-Опремата може уште веднаш да биде ставена во функција. Десетина слободни кревети има на Инфективна клиника, ќе видиме колку исписи ќе има и приеми денеска, но спремни сме. Тука да ги сместуваме пациентите, рече Филипче.

Верува дека овој пакет на мерки, рестрикција, зголемување на ингеренциите на инспекторатите и апелот до граѓаните да се придржуваат до мерките, ќе даде резултат и оти следниот чекор е карантин, што се надева дека ќе биде избегнато.

-Следниот чекор е целосен карантин, се уште сме далеку но можно е, рече Филипче.

За новиот пакет мерки, тој вели ќе се разговара уште викендов, а дека редовната седница на Влада е закажана за вторник.

-Овие рестриктирвни мерки кои сега се веќе донесени од Владата, има еден пакет што ќе биде предложен на следната владина седница е форма на рестрикција којашто би била дека растот на нови случаи што е тренд насекаде во регионот, и во Европа, ќе гледаме некако да го запреме, рече Филипче.

Одговарајќи на прашање поврзано со правните дилеми во однос на спроведување на дел од мерките, како онаа за не повеќе од четири лица во посета на нечиј дом, министерот за здравство кажа дека искуствата се извлекуваат од досегашните случувања, свесни дека во периодот којшто следи може да има семејни собири со голем број на луѓе од кои може да поттикнат голем број на кластери, логично е и нормално е да ги забраниме.

-Оставаме на правниците да видиме во каква форма тоа ќе биде препорачано или забрането, каков ќе биде начинот на контрола, меѓутоа мора да потенцирам дека заштита на здравјето е приоритет. Не можеме да затвориме очи и да дозволиме да се случуваат настани на кои што може да има проблеми и нови случаи, а впрочем и други земји го направија истото. Франција го направи истото, Словенија го ограничи групирањето, рече Филипче.

Во однос на носењето маски и на отворено тој рече дека се користат искуствата од други земји.

– Епидемиолошката слика во Италија е променета откако е донесена задолжителна одлука за носење  маски на отворено и веруваме дека тоа може сериозно да го забави растот на нови случаи, инаку ќе мора да бидеме принудени на дополнителни рестрикции. Во дополнителните рестрикции во нашиот план освен намалување на капацитетот на исполнетост во јавниот превоз е ограничување на работа на одредени економски субјекти, компании, угостителски објекти, но се надеваме дека нема да мора до таму да стигнеме и дека овој втор пакет на рестриктивни мерки ќе даде некаков ефект, рече Филипче.

Анализите за смртност кај пациентите со Ковид-19, според него, покажале дека висок процент на смртност кај постари пациенти, кај пациенти кои доаѓаат со лоши параметри и други коморбидитети.

Во однос на Викендот без ДДВ, повтори дека доколку се почитуваат протоколите во шопинг-моловите и во продавниците, не се очекува зголемување на бројот на инфицирани.