Министерот за здравство Венко Филипче смета дека носењето маски по осум часа на училиште не претставува никаков ризик за децата, и оти тоа е единствениот начин да се спречи трансмисијата на вирусот.
– Нема контраиндикација за носење маски кај таа категорија деца на таа возраст. Не може да очекуваме никакви компликации, никакво пореметување на нивниот развој, станува збор за сосем безбедна препорака, родителите апсолутно не треба да стравуваат – нагласи Филипче во дневникот на Сител.
Според Филипче, превентивните мерки се димензионирани да го штитат максимално здравјето на децата.
– Сега училиштата се физички празни, но тоа беше целта, да има што помалку деца во училиштата во затворена просторија затоа што тоа е сериозен ризик – рече Филипче.