Дополнителна мерка во справувањето со пандемијата и зголемениот број на случаи со Ковид-19 е рестрикцијата во движењето и тоа е единственото нешто што би можело да се воведе, но засега нема никаква препорака за враќање оваа рестрикција, изјави на министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес конференција.
Тој предупреди дека есенските месеци би можеле да бидат многу поголем предизвик за здравствениот систем и од првиот и од вториот бран бидејќи започнуваат да работат и училиштата.
„Пред нас имаме летни месеци. Изминатите 5-6 дена факторот Р 0, факторот е под еден и се надевам дека така ќе остане и во наредниот период и врз основа на тоа ќе видиме намалување на бројот на пациенти. Но, доаѓаат и есенските месеци, кога времето нема да биде убаво, луѓето ќе бидат повеќе на затворено, ќе почнат да работат и училиштата. Тоа се сериозни ризик-фактори, заедно со останатиот број пациенти, поради друга патологија кои очекувано би ги пополниле истите капацитети кои се сега пополнети, може да претставуваат навистина сериозен предизвик за нашиот здравствен систем, многу поголем и од првиот и од вториот бран, не само кај нас туку секаде“, изјави Филипче.
Тој најави дека здравствениот систем се подготува за новиот бран на есен, се прави план за капацитетите. Покрај постоечките капацитети на располагање ќе се стават и болниците во Лешок, Јесеново, Кавадарци и други, но целта е, рече Филипче, да не дојде до тоа.
Филипче повтори дека здравствената криза успешно се менаџира, а здравствениот систем е многу поподготвен отколку на почетокот.
Тој најави дека наскоро на Клиниката за инфективни болести, во монтажната болница ќе биде поставен централен довод за медицински гасови.
„Сега во овој момент ја разгледуваме најбрзата можност да се донесе систем за медицински гасови. Досега таму на располагање се боците за кислород и веднаш откога ќе го најдеме начинот ќе обезбедиме еден период од четири до пет дена, на којшто ни укажаа техничките служби, дека е временски период потребен за сето ова како инсталација да се постави во болницата за да има и таков довод на медицински гасови“, изјави министерот Филипче.
Тој одговарајќи на новинарско прашање околу функционалноста на модуларната болница, поставена до Инфективната клиника, рече дека таму во овој момент нема пацинети, но дека тој капацитет е на располагање во кој било момент.
„Во модуларната болница во овој момент нема пациенти. Се исполнуваат сите капацитети најпрво на Клиниката, а понатаму и во тој дел практично секојдневно се анализира и се прави прераспределба на пациентите согласно бројката на хоспитализирани во овој изминат период. Изминатите денови имаше одреден број пациенти којшто се испишаа од Клиниката и на тој начин се ослободија дополнителен број болнички кревети, но овој дел е целосно на располагаѓе во било кој момент“, истакна Филипче.
Во однос на лицата кои беа во државен карантин и се позитивни на Ковид -19, министерот рече дека согласно нивната здравствена состојба ќе се лекуваат во домашни услови.
„Околу 20 луѓе се позитивни коишто беа во карантините и согласно нивната здравствена состојба, а по прегледот од лекарите, е утврдено дека тие може да се лекуваат во домашни услови, секако во консултација со нивните матични лекари“, рече Филипче.
За подобро справување со кризата министерот најави дека ќе се сретне со преставници на верските заедници, невладините организации, од Владата, за да се изнајдат начини за активно вклучување на сите и обединување во борбата со вирусот.
Филипче смета дека е од огромно значење сите општествени чинители активно да се вклучат и да го искористат своето влијание во заедницата во борбата со коронавирусот.
„Борбата со вирусот ќе трае, но ние мора да научиме да живееме со него и да се заштитиме. Сметам дека е од огромно значење сите општествени чинители активно да се вклучат, да го искористат своето влијание во зедницата во подигнување на свеста за коронавирусот и потребата од почитување на мерките за лична заштита. За ова е неопходен дијалог на сите општествени нивоа. За оваа цел, Министерството за здравство иницира заедничка средба на претставниците на владата, невладините организации и верските заедници на која ќе ги дефинираме начините за активно вклучување на сите и обединување во борбата со вирусот“, изјави Филипче.
Од тие причини тој изутрината се сретнал со новиот реис на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху.
„Фетаху во целост се согласува со ова и ја поздравува иницијативата. Тој посочи дека ќе продолжи да дава максимална поддршка и свој личен придонес во напорите на институциите кои се справуваат со корона кризата во земјата“, рече Филипче.
Министерот рече дека се надева, се поголем број граѓани да ја сфаќаат сериозноста на проблемот и да се придржуваат до мерките бидејќи тоа е најдобриот и најефикасниот механизам да се спречи ширењето на вирусот.