Во изминатиов период во интензивна комуникација меѓу со амбасадорот на Кина, Џанг Ѕуо, биле реализирани значајни договори кои придонесоа за значително зајакнување на здравствениот систем, а Пекинг е партнер со чиишто вакцини ќе се придонесе до постигнување на поголем опсег на вакцинација на населението во државата, а со тоа и значајна поддршка при стекнување на колективен имунитет, оцени во втоникот министерот за здравство Венко Филипче.
Македонскиот министер за здравство повтори уште еднаш дека во мај годинава пристигнаа 100.000 вакцини од производителот „Sinopharm“, со што всушност започна многу забавениот процес на масовна вакцинацијаво земјата. Во периодот што следува очекуваме, како што уверува Филипче, да пристигне и „значајно количество“ од вакцината „Sinovac“, без да прецизира ниту за која бројка конкретно станува збор, ниту за датумот кога се очекува пристигнувањето на вакцините против коронавирусот.
„Сакам да изразам благодарност за поддршката од Кинеската Амбасада и амбасадорот Џанг Ѕуо за неговите заложби во целокупниот изминат период. Поддршката од Народна Република Кина е од огромна важност за здравствениот систем. Во текот на месец март и април оваа година Кинеската Амбасада донираше на Министерството за здравство на Република Северна Македонија медицинска опрема за третман на пациенти заболени од Ковид-19 вирусот во износ од 38.500 Евра. Оваа опрема беше соодветно распределена низ ковид центрите каде што беше најпотребна за третман на заболените пациенти. Дополнително, во текот на февруари 2021 година Црвениот Крст на Кина донираше на Министерството за здравство финансиски средства во износ од 100.000,00 долари за набавка на лекот фавипиравир. Во текот на изминатата година Кинеската Амбасада донираше на Министерството за здравство финансиски средства во износ од 30.000 Евра и лична заштитна опрема како заштитни хируршки маски, Н95 маски, скафандери, каљачи, ковид тестови итн“, потенцираше министерот Филипче.
Оцени дека со тоа се потврдувало !партнерството и близината меѓу двете земји, двата народи“, и најави дека соработката продолжува и во периодот што следува.
„И покрај ограничениот производствен капацитет и огромната побарувачка дома, Кина ја испочитува својата обврска со обезбедување вакцини за Северна Македонија. Кина е подготвена да ја продолжи соработката со Северна Македонија, како и со другите земји за да ги надминеме заедно лошите времиња. Ние цврсто се спротивставуваме на обидите да се користи пандемијата за да се продолжи со стигматизација и политичка манипулација. Треба да се вложат напори за заштита на животот и здравјето на луѓето, како и за обезбедување на нивните основни права и нормален живот. Со заеднички напори од владата на Северна Македонија, Министерството за здравство, медицинскиот персонал, особено јавноста, бројот на нови случаи значително се намали. Процесот на вакцинација е извршен на уреден начин. Кина е подготвена да продолжи да го поддржува народот на Северна Македонија во борбата против пандемијата за рана победа“, изјави денеска амбасадорот Џанг.