Филипче: Предлог за полициски час од 19 часот викендов, повик за спречување собир на верници

На состанок на Комисијата за заразни болести утрово е предложено полицискиот час викендов да трае од 19 навечер до 5 часот наутро. Предлогот е доставен до Централниот кризен штаб на Владата која на седница од 16 часот ќе одлучува за овој предлог, соопшти министерот за здравство Венко Филипче попладнево на прес-конференција.

Во однос на олабавувањето на мерките, кои би се применувале од понеделник останува, рече, да се следи состојбата денес, да се утврди дали ќе има повеќе од 5 проценти заразени од вкупниот број тестирања, како што се случи во претходниот ден, или е тоа само варијација.

Ќе се анализира состојбата од денешнот на утрешниот состанок и потоа, како што рече, ќе излезат со предлог-мерки до Штабот  на Владата во однос на олабавувањето на мерките од почетокот на следната седмица.

Филипче го осуди вчерашниот верски собир во Струга, за кој рече дека е чин на непочитување на здравствените работници и на сите други кои, како што рече, два и пол месеца пожртвувано работат да излеземе од кризата, како и на мнозинството граѓани кои се придржуваат до мерките.

-Најостро го осудувам сите кои не ги почитуваат мерките и очекувам темелна истрага од институциите за собирот во Струга. Мора да се санкционираат извршителите и постого да дејствуваат за да нема вакви случаи, рече Филипче, нагласувајќи дека токму со мерките, кон кои повеќето граѓани се придржувале, се стабилизираше епидемијата во земјава.

Соопшти дека утрово разговорал со поглаварите на Исламската верска заедница и на Македонската православна црква-ОА, и од нив побарал да ги повикаат верниците да не се собираат.

Во однос на тоа што ИВЗ информирала дека на 12 мај се отвораат џамиите, Филипче нагласи дека е сè уште во сила забраната за групирање на повеќе од двајца и повторно побара од поглаварите на верските заедници да спречат собирања.

-Секое неодговорно собирање ќе нè врати на почеток на епидемијата и во кризата. Исклучително  е висок ризикот да се зголеми трансмисијата на вирусот во такви случаи, рече министерот за здравство.

Во изминатото деноноќие потврдени се 14 нови случаи на КОВИД-19 (шест во Велес пет во Скопје,  два во Прилеп и Тетово). Почина и пациент од Тетово на возраст од 61 година, хоспитализиран на 28 април во ГОБ „8 Септември“.

На Институтот за јавно здравје денеска се регистрирани 20 оздравени пациенти, по градови во: Скопје и Битола по еден, во Куманово девет, Прилеп – двајца, и седум во Велес. Во изминатите 24 часа направени се 242 тестирања.

Вкупниот број на дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата сега е 1586, оздравени се 1099, починати се 90, а активни случаи има 397.