Финска и Шведска остануваат доследни на истовременото пристапување во НАТО и покрај жестокото противење на Турција на шведската кандидатура, изјавија во четвртокот премиерите на двете соседни нордиски земји.
Највисоките турски челници деновите повеќепати навестија дека Анкара може да го одобри барањето на Финска за членство во НАТО, пред да го разгледуваат ратифукувањето на шведската кандидатура поради неколкуте инциденти кои ја разгневија Турција.
Финскиот министер за надворешни работи Пекка Хаависто во неделата дозволи можност за продолжување на разгледувањето на апликацијата на земјата за членство во НАТО засебно од Шведска, но потоа ја повлече изјавата и рече дека останува на првичниот план да влезе во Алијансата истовремено со соседната земја, тврдејќи дека безбедноста на двете земји е заемно зависна.
„Не ми се допаѓа оваа атмосфера, позицијата во која Шведска е презентирана како некои проблематично дете во класот. Мислам дека тоа не е случај. Шведска, исто така, ги исполнува сите барања за членството во НАТО“, изјави во четвртокот финската премиерка Сана Марин на заедничката прес-конференција со шведскиот колега по должност Улф Кирстерсон во Стокхолм.
Кирстерсон, од своја страна, пак, реле дејка неговата земја продолжува да се придржува до трилатералниот договор за пристапување во Северноатлантскиот воен сојуз кој во јуни го потпишаа Турција, Шведска и Финска.
„Заедно тргнавме на ова патување и заедно одиме на патот кон членството“, изјави Кристерсон алудирајќи на заедничките активности на Стокхолм и Хелсинки да се придружат на Алијансата.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во неделата првпат навести а во средата повтори дека турскиот парламент би можел да го ратификува договорот за пристапување на Финска но не и на Шведска, иако двете нордиски земји заеднички го започнаа пристапниот процес.
Турција е навредена од Шведска поради неодамнешните јануарски одобрувања за организирање собири прво на курдските активисти во близина на турската амбасада во Стокхолм на кој беше наопаку обесена кукла со ликот на турскиот претседател Ердоган а една седмица подоцна и на данско-шведскиот антиисламски екстремист Расмус Палудан на истото место на кој беше запален Куранот, светата книга на муслиманите.
Покрај тоа, Шведска преку својот правосуден систем се противи на Турција да ѝ ги предаде лицата кои турските власти ги обвинуваат или сомничат за терористички активности против земјата, од страна на Работничката партија на Курдистан (PPK) која води сепаратистичка борба од 1980-те години а е на листите терористички организации на ЕУ и САД. На листата на околу 130 лица кои ги бара Анкара се и приврзаници на движењето FETO на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој живее во егзил во САД, а е обвинето за организирање на неуспешниот воен преврат од јули 2016 година.