Флекенштајн: ЕУ треба да размисли да ги смени правилата на одлучување со консензус

Советот на ЕУ мора да најде начин да се одржи меѓувладината конференција со Македонија и Албанија, бидејќи мора да ја искористиме шансата сега, но исто така тоа е и наша обврска. Вашата земја испорача, а и Албанија. исто така, и сега редот е на Европската Унија.

Ова во интервју за МИА го вели Кнут Флекенштајн, германски политичар и поранешен член на Европскиот парламент. Тој е член е на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која е дел од Партијата на европските социјалисти (ПЕС). Тој беше и еден од иницијаторите на „Жан Моне“ процесот во земјава, со цел подобрување на политичкиот дијалог.

Флекенштајн во интервјуто за МИА посочува и дека ЕУ треба да размисли како да ги смени правилата на одлучување со консензус, бидејќи според него е неверојатно како може една влада да ги спречи останатите 26 членки и да го блокира целиот регион.

Германскиот политичар учествуваше на првата Меѓународна конференција Преспа форум за дијалог што се одржуваше на 1 и 2 јули во Охрид.

Во продолжение интервјуто на Флекенштајн за МИА.

Господине Флекенштајн, Вие бевте и се уште силен поддржувач на европската перспектива на Македонија. Кое е Вашето мислење, дали може да очекуваме пробив во решавање на прашањето со Бугарија, и Македонија да ги почне преговорите во октомври, за време на словенечкото претседателство со ЕУ?

Низ годините станав повнимателен со овие реченици. Навистина се надевам, бидејќи Македонија го заслужува тоа. Спорот помеѓу Македонија и Бугарија е билатерален и не треба да биде дел од дискусиите во врска со меѓувладината конференција. Дознав дека речиси и да бил направен пробив, но тоа не било доволно за време на претходното претсетателство. Ако словенечкото претседателство продолжи во таа насока и ако имаме силен комесар кој навистина е посветен и Европскиот парламент кој секогаш бил на страната на Македонија, тогаш може да се надеваме дека може да има прогрес.

Ги споменавте билатералните прашања, дали сметате дека тие треба да се пречка на европскиот пат?

Се разбира дека не треба да бидат пречка на европскиот пат. Ние имаме свои проблеми во Европската Унија. Имаме правила кои не функционираат некогаш. Знаете дека треба да има консензус од сите 27 членки и тоа е речиси невозможно, особено кога се работи за надворешна политика и за проширувањето да имате вистински одлуки во вистинското време. Ние, во ЕУ, треба да размислиме како да ги смениме овие правила, бидејќи е неверојатно – како може една влада да ги спречи останатите 26 членки и да го блокира целиот регион.

Ако не се одржат првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија во октомври, дали тоа ќе отвори можности за останати влијанија во регионот?

Се надевам. Европската комисија можеби ќе треба да преговара со бугарската Влада и администрацијата во САД секогаш има идеи како да се справи со ваквите ситуации. Би ценел доколку Бугарија после изборите, земјата има свој став и тоа е во ред, го тргне на страна тоа од патот на кој што одиме сите заедно.

Каков ќе биде кредибилитетот на ЕУ во регионот ако уште еднаш покаже неуспех и не ги испорача ветувањата кон Македонија и Албанија? Каква ќе биде европската перспектива во тој случај за овие земји?

Пред се, не е ЕУ, на крај тоа не би ви помогнало. Но Европскиот парламент е многу јасен по тоа прашање, бидејќи пратениците се избрани од граѓаните во нивните земји членки. Комесарот е многу јасен. Дваесет и шест од вкупно 27 земји членки се многу јасни. Не сте сами и не сте единствените кои се разочарани.

Постои огромно разочарување и во Европскиот парламент. Од друга страна, Советот мора да најде начин да се одржи меѓувладината конференција, бидејќи мора да ја искористиме шансата сега, но исто така тоа е и наша обврска. Вашата земја испорача, а и Албанија, исто така, и сега редот е на ЕУ. Секогаш зборуваме дека е потребно да се спроведат реформи, да се завршат задачите, но сега ЕУ е таа која треба да ја заврши задачата. Убеден сум дека словенечкото претседателство ќе даде се од себе.