„Фокус“: Како Данела Арсовска со навреди и закани ја терала извршната директорка да си оди од ССК?

„Фокус“ успеа да направи увид во полицискиот записник во кој се објаснети сите случувања што му претходеле на палењето на автомобилот на извршната директорка на ССК.

Според записникот, Арсовска од својот мобилен телефон преку апликацијата „Сигнал“ и испратила неколку пораки на извршната директорка, во кои прво на покултурен начин бара од неа и од претседателот да ги напуштат раководните позиции, а подоцна почнува со навреди и закани.

„Фокус дојде и до испратените пораки од страна на актуелната градоначалничка.

Пред четири месеци „Фокус“ објави дека актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, на 12 мај годинава била повикана на разговор во полициска станица за опожареното возило на извршната директорка на Сојузот на стопански комори, Кристина Стојановиќ.

Како што веќе објавивме, извршната директорка, само 15 часа пред да и биде запалено возилото на крајот на февруари, добила заканувачка порака, која и била оставена во автомобилот, во која се барало веднаш да го напушти ССК, зашто во спротивно животот ќе и стане пекол.

Имаш рок до четврток. Фино и културно. Ако не напуштиш, животот пекол ќе ти стане. Ќе ве масакрираме, се наведуваше во пораката.

Понатаму, од тоа што е наведено во пораката, може да се сфати дека тој што и ги упатува заканите, и дава последна опомена да се повлече од раководното место, со оглед на тоа што не „послушала“ во изминатиот период од кога било побарано од неа.

Заплетот на приказната, кој завршува со запалено возило во скопски Аеродром, почнува многу порано, поточно уште во декември лани, кога од раководството на Сојузот на стопанските комори било побарано да поднесат оставки и да ги напуштат функциите.

Се’ почнува со телефонски повици од непознати лица и писма со смртни закани упатени на првите двајца луѓе во бизнис – комората, претседателот Трајан Ангеловски и Кристина Стојановиќ. Раководните структури поминале голгота за целиот овој период, како што велат, исполнет со страшни трауми.

Запаленото возило требало да втера страв во коски и да ја постигне замислената цел – првите луѓе да го напуштат кормилото на бизнис комората!

Осум месеци по подметнатиот пожар во автомобилот, отворен е предмет во Јавното обвинителство, каде што се уште работат на случајот.

Нашите извори тврдат дека тие располагаат со фотографии, пораки, телефонски повици, како и со последната порака оставен во веќе опожарениот автомобил, со која се дава, како што пишува „последната опомена“ пред да биде запалено возилото. Тоа веќе на некој начин било и остварување на досегашните закани.

Кривичната пријава, која моментално се води против непознат сторител, опфаќа две кривични дела, и тоа „Загрозување на сигурноста“ според член 144, како и „Предизвикување општа опасност“.

ДЕТАЛИ ОД ПОЛИЦИСКИОТ ЗАПИСНИК

Сепак „Фокус“ успеа да направи увид во полицискиот записник, во кој се објаснети сите случувања што му претходеле на палењето на автомобилот на извршната директорка на Сојузот на стопанските комори.

Според нашите сознанија, заканите почнуваат на 9 февруари годинава, кога извршната директорка, како што е наведено, го чекала своето малолетно дете од тренинг, кога добила телефонски повик, на кој првиот пат не се јавила, за подоцна поточно по само две минути да одговори на телефонскиот повик.

Како што е наведени понатаму во записникот, на телефон и се јавило непознато машко лице, кое почнало да ја навредува со погрдни зборови и да и вели да си оди од таму каде што дошла.

Кога таа прашала со кого разговара, телефонскиот повик бил прекинат.

Нашите сознанија покажуваат дека полицискиот записник е направен на 25 февруари годинава, поточно веднаш откако било пријавено дека е опожарено возилото.

Во него се објаснува дека  три дена порано, на паркинг просторот во близина на зградата каде што живеела, на рачката од нејзиниот автомобил ПМВ, марка „мерцедес“ забележала бело ливче хартија, на кое и било напишана заканувачка порака, односно последното предупредување.

Но, што се се случувало претходно и низ какви трауми поминала извршната директорка, која во записникот тврдела дека е уплашена за нејзиниот и живот на нејзиното семејство?

Во самиот записник може да се забележи дека пред да почне голготата, на еден од состаноците на Управен одбор, лицето Драган Митковски, претседател на Сметководствена комора, за кој веќе објавивме дека е еден од поблиските соработници на Арсовска, побарал разрешување на извршната директорка, која на оваа функција била назначена од август, лани.

Истиот ден, Стојановиќ на својот мобилен телефон на апликацијата „Сигнал“ добила порака од градоначалничката на Скопје, каде што е запишан и телефонскиот број од кој ја бара, кој се совпаѓа со тој што го користи Арсовска.

„Добро утро, после она што си дозволила Трајан да го прави, топло ти препорачувам уште денес да се повлечеш од ССК“, по што за кратко време и се јавила на телефон на истата апликација и разговорот се движел во истата насока.

Според полицискиот записник, Арсовска повторно ја замолила да ја напушти функција и да му каже на претседателот на ССК, Трајан Ангеловски, да си замине и тој од здравствени причини, бидејќи можело да му се случи нешто лошо. Овој разговор цело време го слушал и сопругот на извршната директорка.

Дури еден месец подоцна, поточно на 26 јануари 2022 година, Арсовска повторно и испратила порака на извршната директорка.

„Од тебе порасипано створење во животот не сум видела. Нека ти е среќа“, се наведува во пораката, со која „Фокус“ располага.

И од увидот во самиот записник може да се забележи дека раководството на ССК покренало ревизија за работењето од претходната година додека Арсовска се уште била претседател, за што, како што веќе објавивме, била и главната причина зошто било побарано од нив да ги напуштат раководните позиции. Ревизијата на работењето во ССК, со кое претходно управувала Арсовска, веќе било во тек и првичниот рок за потпишување бил на 28 февруари годинава, периодот и кога бил запален автомобилот.

АРСОВСКА, ЧЛЕН И НА СВЕТСКАТА КОМОРСКА ФЕДЕРАЦИЈА

До крајот на октомври, Арсовска ќе „прослави” една година како седи на градоначалничката фотелја. Целиот овој период е исполнет со разни скандaли, кои го одбележаа нејзиното досегашно „владеење”.

Тука се и последните случувања со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, од која таа ја доби и поддршката на ланските локални избори.

За само десетина месеци пукна тиквата, па почнаа обвинувањата од двете страни, со што вмровците кренаа рака од градот Скопје, со кој раководи Арсовска.

Таа, еден по еден, почна да ги разрешува нивните директори на јавните претпријатија, кои на почетокот од нејзиниот мандат самата rи назначи, со оглед на нивната политичка соработка. Арсовска ги обвини за местење тендер од 136 милиони евра за пречистителната станица, додека пак вмровците тврдеа дека таа веќе се договорила со Турците, кои требало да учествуваат на тендерот. Тука се стави крај на заедничката соработка.

Од друга страна, во серијал од неколку текстови досега, „Фокус” ги објави и сите функции што Арсовска ги имала пред официјално да стапи на градоначалничката функција.

На некои од нив поднесе ocтавка, но, според тоа што успеавме да го откриеме, таа се уште фигурира како овластено лице на Сојузот на организации на работодавачи на Македонија (СОРМ).

Со само еден клик на нивната официјaлна веб-страница може да се прочита дека станува збор за самостојна, стручна, непрофитна и непартиска организација, основана од работодавачи и организации на работодавачи.

Според податоците од Централниот регистар, како сопственици на оваа организација се шест комори, меѓy кои и Комората на сметководители на Македонија, управувана од Митковски, еден од поблиските соработници на актуелната градоначалничка. Додека пак, Арсовска и извесен Александар Зарков фигурираат како овластени претставници.

Податоците уште покажуваат дека оваа организација е лоцирана на улицата Рилски конгрес 112 во скопската населба Кисела Вода, каде што семејството на Арсовска, поточно нејзиниот татко Ванчо Јовановски поседува стан од 115 квадратни метри.

Но, тоа што не е познато во јавноста е дека актуелната градоначалничка од пред четири години, поточно од 2018 година наваму е прв македонски претставник на Светската коморска федерација со седиште во Париз. Нејзиното име се уште може да се најде како член на оваа федерација.

Според нашите информации, нејзиниот мандат истекува сега во ноември, но не е познато дали членството во таа организација се коси со нејзината градоначалничка функција.

Инаку, актуелната скопска градоначалничка, пред речиси две години, станала независен член и на Надзорниот одбор на Капитал 6aнкa, која е со доминантен бугарски капитал, поточно 98 отсто од акциите се на Алфа финанс холдинг Бугарија.

Надзорниот одбор брои вкупно пет члена, а Арсовска повеќе од една година била на таа функција. Според нашите информации, таа на оваа nозиција е именyвана на 15 мај 2020 година, со мандат од четири години.

Но, со оглед на тоа што на крајот на октомври лани беше избрана за скопски градоначалник, веќе на 4 ноември 2021 година Арсовска се повлекува од функцијата со поднесување оставка. Таа во ниту еден момент не ја спомена оваа функција како дел од нејзината биографија.

ТРАЈАНОВСКИ ОД ГРОМ, НОВ ЗАМЕНИК ГРАДОНАЧАЛНИК

Александар Трајановски, советник од редовите на ГРОМ, пред десетина дена беше назначен за нов заменик-градоначалник на Скопје. Со ова, градоначалничката Данела Арсовска ја зајакнува коалицијата со ГРОМ во рамки на Советот. Трајановски доаѓа од приватниот сектор u беше избран за член на Советот во Град Скопје на локалните избори што се одржаа минатата година.

Имајќи предвид дека во тек е неговиот втор мандат како советник во Град Скопје, Трајановски е еден од поискусните во овој советнички совет со долгогодишно искуство во работата на локалната самоуправа и градската администрација.

Трајановски е прва генерација стипендист на програмата „Напредно лидерство“ – АЛПИ организиран од Институтот ИРИ, Американската амбасада и Стејт департментот.

Воедно е стипендист на Институтот за јавни политики „Мајка Тереза“ поддржан од Европската Унија.

Неговото искуство во голем дел ќе придонесе во остварувањето на програмата „За модерно Скопје“ и остварувањето на интересите на сите граѓани, велат од Град Скопје.

Извор: Неделник „Фокус“