Фон дер Лајен им порача на политичарите во БиХ – реформите веднаш

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Сараево во петокот ги повика босанскохерцеговските политичари без одложување да започнат да ги спроведуваат реформите неопходни за земјата да се приближи кон членството во Европската унија.

Фон дер Лајен во Сараево престојуваше во рамките на нејзината регионална турнеа и се состана со членовите на Претседателството на БиХ, како и се претставниците на цивилното општество и економскиот сектор.

Фон дер Лејен во Сараево допатува откако Комисијата претходно во октомври му препорача на Европскиот совет на Босна и Херцеговина да ѝ се одобри статусот кандидат за членство во Европската унија.

Челничката на ЕК во обраќањето рече дека тоа е јасен политички сигнал кој политичарите избрани на 2-ри октомври, треба правилно да го разберат и следниот четиригодишен мандат да го искористат за да преземат чекори и да ја искористат понудената можност.

„Ова е вистинскиот момент за БиХ и сакаме да ги охрабриме сите да го искористат овој момент“, им порача фон дер Лајен на новоизбраните политичари, потсетувајќи ги дека три четвртини од граѓаните на БиХ сакаат европска перспектива, а таа опција силно преовладувала меѓу младите, што според неа можеби е и најважното.

Иако БиХ препораката за кандидатски статус ја доби без спроведување на најосновните реформи на коишто ЕК инсистираше од 2019 година, фон дер Лајен тврди дека, и покрај тешките околности, од тогаш сепак имало извесен напредок, на пример преку усвојување на законите за јавни набавки во парламентот во БиХ. Сега е моментот, истакна шефицата на ЕК, повторно да ги здружат сите сили во земјата и да се постигне натамошен напредок на нејзиниот пат во ЕУ.

„Јасно е дека спроведувањето на другите реформи ќе биде тешко, но на тоа треба веднаш да се започне да се работи“, рече фон дер Лајен тврдејќи дека е возможно БиХ да биде претворена во мирна и стабилна земја на едноквоправни народи и граѓани, привлечна за странски инвестиции.

Фон дер Лајен најави дека пред Европскиот совет силно ќе заговара и формално одобрување на кандидатскиот статус за БиХ. Таа порака ја испрати во моментот кога се појави информации дека некои членки на ЕУ, како Франција и Холандија, и натаму се противат Би да го добие кандидатскиот статус, па дека тоа би можело да биде проблем кога Европскиот совет во декември ќе ја разгледува препораката на Европската комисија.

Шефицата на ЕК во Сараево, исто така, истакна дека целиот европскиот континент „се променил“ откако Русија ја нападнала Украина, а единствениот „одговор на одлуката на Москва да го доведе во прашање меѓународното право и мирот е европските земји да дејствуваат единствено и во цврст сојуз“.

Како доказ дека ЕУ е подготвена директно да му помогне на западен Балкан во оваа ситуација, фон дер Лајен го наведе подготвениот пакет енергетска помош за целиот регион, кој вклучува околу 500 милиони евра наменети за проектите за чиста енергија, на пример преку градење ветроцентрали, од коишто според на би можело да бидат реализирани за помалку од една година.

Покрај тоа со претседателот на Советот на министрите на БиХ, Зоран Тагелтија, претседателката на ЕК ја отвори новата делницата на автопатот и тунелот низ планината Иван, на коридорот „V“, во должина од седум километри, на правецот меѓу Сараево и Мостар. Оваа делница е софинансирана со неповратни средства од европските фондови во износ од малку повеќе од 23 милиони евра.