Формула 1: Верстапен победи и во Канада

Актуелниот светски шампион и водечки во генералниот пласман, Холанѓанецот Макс Верстапен зад воланот на болидот на Ред Бул победи на трката за Големата награда на Канада возена во неделата во Монтреал, деветтата трка од Светскиот шампионат во елитната класа Формула 1.

За Холанѓанецот ова беше трет последователен триумф на патеката која го носи името на славниот возач Жил Вилнев, а 60-та победа во кариерата.

Второто место го освои Ландо Норис во тимот на Мекларен, додека трет бепе Џорџ Расел во Мерцедес по големата борба со тимскиот колега Луис Хамилтон кој остана на четвртото место.

Во интересна трка, која делумно ја одбележа нестабилното време и изборот на гуми на делумно влажната патека, на крајот славеше актуелниот светски шампион и лидер во новата сезона.

„Ова беше прилично луда трка, се случуваа многу работи и моравме да бидеме концентрирани. Безбедносното возило добро нѐ послужи, беше многу забавно”, изјави Верстапен.

Безбедносното возило излезе во 25. круг кога возачот на Вилијамс, Логан, удри во бариерата и застана на патеката. Безбедносното возило се повлече четири круга подоцна. Уште едно излегување на патеката за безбедносно возило исто така се случи во 53. круг откако Серхио Перез удри во оградата и мораше да се повлече.

„Беше хаос, имаше многу настани. Да бидам искрен, возев добра трка од почеток до крај. Имав неверојатно темпо, безбедносното возило ме запре, но како што ми помогна во Мајами, сега ми одмогна. Беше стресно, но и забавно. Работите се одвиваа добро, но беше чесна борба, Макс возеше добра трка“, рече ЛАндо Норис.

„Искрено, се чувствував како пропуштена шанса, имавме добро темпо на стартот, направивме неколку грешки подоцна. Ќе ги земеме сите позитивни страни од оваа трка, која е подиум“, додаде Расел.

Актуелниот светски шампион ја зголеми предноста во генералниот пласман, сега води Верстапен со 194 бодови, Шарл Леклер кој денеска не ја заврши трката е втор со 138 бодови, додека Норис е трет со 131 бод.

Ред Бул Рејсинг (301) води во поредокот кај конструкторите, пред Ферари (252) и Мекларен (212).

Следната трка се вози на 23 јуни во Барселона.